• петок, 27 декември 2024

Анализа на ИКС: Над една третина од објавите на политичките партии и на политичките лидери содржат штетни наративи

Анализа на ИКС: Над една третина од објавите на политичките партии и на политичките лидери содржат штетни наративи

Скопје, 14 април 2024  (МИА) – Над една третина од вкупниот број објави на политичките партии и на политичките лидери содржат штетни наративи, покажа извештајот на Институтот за комуникациски студии направен во рамки на истражувањето „Мерење на политички штетни наративи“ (ШТЕТ-НА).

Шестмесечниот извештај во рамките претставува сублимат на податоците од мониторингот на комуникациските практики на политичките актери во кои се идентификувани штетни наративи и нивното пренесување во медиумите во периодот септември 2023 - февруари 2024 година. 

Станува збор за пресек на резултатите од трите двомесечни извештаи од мониторингот, кој се прави со цел да се увидат трендовите во штетната комуникација и медиумското информирање и да се детектира дали и како се менува токсичната  реторика со наближувањето на изборите.

Според анализата  партиите и лидерите преку непоткрепени обвинувања и ставови најчесто користат штетни наративи со кои се обидуваат да ја поткопаат довербата во институциите на системот и вршат пристрасно селектирање на податоци за да се наведе јавноста на погрешни заклучоци. Речиси со иста фреквенција тие користат напади на личноста односно демонизација, поттикнуваат поделби и популизам.

Па така, двете најголеми политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ убедливо водат во објавите со штетни наративи, а на третото место друштво им прави Левица. Имено, од вкупниот број објави со штетни наративи (797), 732 или 92 проценти се креирани и пласирани од овие три партии и тоа ВМРО-ДПМНЕ - 311 објави, СДСМ - 228 објави и Левица  - 193 објави. 

Од друга страна, на првото место во ширењето штетни наративи меѓу политичките лидери е Димитар Апасиев од Левица кој за шест месеци има 50 вакви објави. На второ место е Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ (17 објави), а на третото е Изет Меџити од Демократко движење (11 објави).

Во извештајот се надевува дека кај владините функционери во истражувачкиот период беа забележани 26 објави со штетни наративи кои содржеа вкупно 54 штетни наративи.

-Јетон Шаќири и Јованка Тренчевска се владини функционери со по една објава со штетен наратив, Димитар Ковачевски е со две објави, а Кренар Лога со најмногу - шест објави со штетни наративи. Нотирани се и специфични случаи кога владините министри го злоупотребуваат официјалниот канал на институцијата со која раководат за лична и партиска промоција, без притоа да користат штетни наративи, стои во аналзиата.

При мониторингот кај телевизиските станици биле забележани вкупно 484 прилози со штетни наративи. ТВ Алфа е со најголем број прилози со штетни наративи - 182, а ТВ 24 Вести е со најмал број - 15 прилози. Истовремено, кај онлајн-медиумите беа забележани вкупно 1.236 прилози со штетни наративи. Онлајн-медиум со најмногу објавени прилози е Република – 265 прилози, а онлајн-медиум со најмалку објавени прилози со штетен наратив е Нова ТВ – 32 прилози.

Трите најчесто употребувани штетни наративи што ги пропагирале политичките актери се истите оние што најчесто нотирани во прилозите на ТВ станиците и во објавите на онлајн-медиумите: поткопување на довербата во институциите, пристрасно селектирање и напади на лична основа/демонизација на политички противници. Понатаму, според зачестеноста, следат дезинформациите, како и поттикнувањето поделби и популизмот.

Истражувањето ШТЕТ-НА, ИКС го спроведува со истражувачи и експерти од областа на комуникациите и медиумите. Предмет на мониторинг се 10-те политички партии и нивните лидери чии партии бројат најмалку двајца пратеници во парламентарниот состав 2020 - 2024 година, како и фејсбук-комуникацијата на членовите на Владата на РСМ. Кај медиумскиот мониторинг се следат 11 онлајн-медиуми и 9 телевизиски станици.

Ова истражување се реализира во рамките на проектот „Употреба на новинарство засновано на факти за подигање на свеста и спротивставување на дезинформациите во медиумскиот простор во Северна Македонија: Користи факти“, поддржан од Британската амбасада во Скопје.свс/дма/

Фото: ИКС

Остани поврзан