• среда, 25 декември 2024

Анализа: Вештачката интелигенција силно ќе влијае на 65 отсто од работните места во Белгија

Анализа: Вештачката интелигенција силно ќе влијае на 65 отсто од работните места во Белгија

Брисел, 26 април 2024 (МИА) - Вештачката интелигенција (ВИ) во голема мера ќе влијае на 65 отсто од работните места во Белгија, според проценката на една од најголемите банки во земјата, објавена во локалните медиуми. Во текстот се наведува дека денес 3,3 милиони белгиски вработени работат во области директно поврзани со развојот на вештачката интелигенција.

Секој трет работник во Белгија има позитивни очекувања од распространувањето на вештачката интелигенција за подобрување на економијата во следните пет години, но 42 отсто стравуваат дека тоа ќе доведе до губење на работни места. Проценката покажува дека во една третина од работните места (1,6 милиони) денес, имплементацијата на вештачката интелигенција ќе помогне да се зголеми продуктивноста, но во 34 проценти (1,7 милиони) може да биде потребна целосна автоматизација.

Најпогодени се очекува да бидат вработени во администрацијата, каде најверојатно ќе има отпуштања, додека вештачката интелигенција ќе може да им помогне на директорите на компаниите, хирурзите и судиите без да ги смени. Досега, само 3 отсто од работниците во Белгија стравуваат дека ќе бидат погодени поради вештачката интелигенција во следните пет години, а најрелаксирани се хонорарците, покажуваат податоците. Според проценките, може да се очекува дека воведувањето на вештачката интелигенција ќе ја зголеми економијата за 0,1-0,5 отсто годишно.

Цитираните експерти прецизираат дека европското законодавство за вештачка интелигенција не и дава предност на ЕУ во однос на САД. Според нив, промените на европскиот пазар на труд ќе бидат постепени и може да се очекува појава на нови професии. ссм/

фото: архива

 

Остани поврзан