• четврток, 26 декември 2024

Ампева: Основан е нов синдикат „Гласен Синдикат за работниците“

Ампева: Основан е нов синдикат „Гласен Синдикат за работниците“

Штип, 4 март 2024 (МИА) - Претседателката на Здружението „Гласен Текстилец“, Кристина Ампева денеска информираше дека е основан нов синдикат „Гласен Синдикат на работниците” кој, како,што вели, во иднина ќе се бори за сите неправилности сторени врз работниците, за сите неправди и непочитување на работничкиот труд.  Посочува дека Синдикатот почнува од текстилниот сектор, бидејќи Штип е град на текстилот, но ќе се шири и низ останатите градови за, како што вели, да им се даде вистинска заштита на работниците.

-За поголема заштита и вклучување во дијалогот на национално ниво, во вклучување наше во работни групи за измени и носење на закони кои ги засегаат работниците, беше неопходно да се основа овој синдикат, кој нема да биде продолжена рака на политичките партии, на работодавачите и разни центри на моќ. Ова е Синдикат кој единствено ќе им служи на потребите на работниците, ќе им ја понуди сета помош и поддршка за заштита и унапредување на нивните работнички права, но и заеднички ќе водиме борба за достоинствени работни услови и плата достојна за живот, вели Ампева.

Таа посочи дека  со основањето на овој Синдикат, сакаат да дадат до знаење на целата јавност, а особено на работниците од целиот приватен сектор, дека заврши времето на жолтите синдикати кои беа „слепи" и „глуви" за проблемите на работниците.

- „Гласен Синдикат на работниците” е новата реалност која на работниците им беше и им е повеќе од потребна. „Гласен Синдикат” секогаш ќе се бори гласно и секогаш ќе биде рамо до рамо со работникот. Затоа ги повикуваме сите работници од приватниот сектор да ни се приклучат и целосно да ни ја дадат довербата, бидејќи ќе направиме промени кои до сега биле само ветувани. Бидејќи низ годините докажавме дека сме чесни и искрени во нашата мисија и како здружение, а сега преку синдикатот, таа борба ќе биде на многу повисоко ниво, со далеку поголема моќ, додава Ампева.

Таа денеска ги повикува сите чесни и искрени синдикалци, работници и работнички од целиот приватен сектор, да се приклучат во заедничката борба за пристојни услови и плати во земјава. вдј/дма/

Фото: МИА 

Остани поврзан