Ампева: Да го применеме Црногорскиот модел за раст на платите
- Да зборуваме за плата за живот, а не за покачување на минимална плата, порача Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“, откако опозицијата предложи Закон за покачување на минималецот на 450 евра.
Штип, 23 октомври 2024 (МИА) - Да зборуваме за плата за живот, а не за покачување на минимална плата, порача Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“, откако опозицијата предложи Закон за покачување на минималецот на 450 евра.
Според неа, потребни се суштински решенија, а не политички одлуки. Вели дека минималната плата е заштита од сиромаштија, а не треба да биде суштинско барање од страна на синдикатите.
- Исто како што цело време слушаме за просечна плата (која е пресек на најбогатите во државава, покачувањето од 78 отсто на функционерите, а од друга страна, на работниците во погоните), а не за медијална плата која дава далеку пореална слика за стандардот, платите кои ја добиваат мнозинството вработени. Во минатото со останати експерти се обидовме да дадеме мерки и решенија за покачување на платите на вработените, но за жал, ниту тогаш ниту сега сме нешто особено слушнати. Не може цело време да збориме за покачување на минималец, него треба да гледаме просек на една фамилија и доходот кој го има, вели Ампева.
Додава дека една од можностите е моделот од Црна Гора, „Европа Сега“, каде од почетокот на 2022, минимална платата беше покачена на 450 евра.
- Државата се откажа од даноци, но посегна кон прогресивен данок за оние кои имаат, за да даде на оние кои имаат многу помалку, во име на праведност и еднаквост. Беа објаснети методите, целите и е една навистина преубава програма која и те како можевме да ја пресликаме во наши услови, но секако и да ги видиме слабите страни и да се направи анализа. Затоа не се прави популизам со вакво важно прашање и политика. Се прави анализа, програма, временска рамка за подготовка и имплементација, па улоги на институциите надлежни за имплементација и мониторинг, бидејќи не смее повторно да се случи како во корона кризата , да се излеат пари кон приватниот сектор, без никаква контрола и тие пари да завршат во џебовите на одредени газди, изјави Ампева за МИА. Т
Потенцира дека државата мора да ги користи своите институции за да овозможи конкурентност на пазарот на труд, како и добрите работодавачи кои си почитуваат закони и даночни политики да бидат заштитени од нелојална конкуренција.
- Стоиме на располагање и ние и многу експерти, но треба некој да сака да не слушне, рече Ампева.
Бизнис секторот е на став дека политичките одлуки одат на товар на стопанството, но и на самата држава. Тие подолго време бараат да се донесе нов Закон за ослободување од придонеси за порастот на платите, по урнек на законот што беше од 2019 година, а кој според нив навистина даде добри резултати во врска со порастот на платите. Посочуваат дека во текстилниот сектор се чувствуваат ефектите од немање на нови странски партнери, но и од она што се случува на пазарот во земјите на ЕУ, а особено во Германија.
Според Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата во моментов за привлекување на нови партнери може да се искористи и состојбата на Блискиот исток.
- Ако зборуваме за состојбата на Блискиот исток, да треба да го искоростиме тоа, дека ние сме стабилба земја за партнерите и треба во овој случај да имаме добар маркетинг, вели Бошков.
Истражувањата на „Гласен синдикат“ покажуваат дека работниците во реалниот сектор се уште се соочуваат со исплата на минимална плата, без додаток за смена, прекувремена работа, работа на празник или недела, како неработен ден. вдј/ар/
Фото: МИА