• четврток, 26 декември 2024

Ампева: „Гласен Текстилец“ даде бесплатна правна помош на 5369 работници

Ампева: „Гласен Текстилец“ даде бесплатна правна помош на 5369 работници

Штип, 1 мај 2024 (МИА) - Бесплатна правна помош за 5369 работници даде „Гласен текстилец“ во изминатиот период од 365 денови, истакна Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“. Таа посочи дека оваа бројка е за една година, од 1 мај 2023 до 1 мај 2024 година. Забележува дека  пријавите од работниците се однесувале на незаконски откажувања на договорите за вработување, откази за време на боледување и пренамена од неопределено на определено работно време од само еден ден, поради што многу работнички, претежно од текстилниот сектор останаа без работа, но и без опремнина која ги следува. 

-Да, текстилната индустрија се соочуваше со проблем, меѓутоа, начинот на кој работодавачите го правеа тоа, прекинување на договори, откази и слично, не доликува и не е човечно за некои што работеле по 25 години во дадена фирма. Навистина е проблем, бидејќи се соочуваат со тоа каде сега да најдат работа, поради возраста која што ја имаат. Дополнително, се уште се соочуваме во 21 век со доцнење од неколку плати, а со тоа и немање на здравствено и пензиско осигурување, рече Ампева.

Прашана за позитивните исходи од судските рочишта, кои ги покренаа работници, а поддршка им даде „Гласен Текстилец“, Ампева вели дека отворени се 26 судски процеси, а три се мониторирани од страна на „Гласен Текстилец“.

-Од кои два се случаи на повреда, кои резултирале со смрт на работно место. Мислам дека дел од тие постапки, ако не отидевме ние да ги мониторираме, ќе завршеа повторно на штета на работниците, изјави Ампева

Според неа и анализите кои ги има „Гласен Текстилец“ генерално, работниците се охрабрени да ги бараат своите работнички права, самостојно да пријавуваат во трудовиот синдикат, но реалниот сектор се уште се соочува со исплата на минимална плата, без додаток за смена, прекувремена работа, работа на празник или ден недела како неработен ден. вдј/дма/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан