• вторник, 18 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Аморим: Недостатокот на успеси на терените доведува до финансиски проблеми на Манчестер Јунајтед

Аморим: Недостатокот на успеси на терените доведува до финансиски проблеми на Манчестер Јунајтед

Манчестер, 25 февруари 2025 (МИА) - Неуспехот на фудбалските терени во последните години е главен фактор за финансиските проблеми на Манчестер Јунајтед. Ова го изјави менаџерот на „црвените ѓаволи“ Рубен Аморим на прес-конференцијата пред домашниот натпревар против Ипсвич во Премиер лигата.

Во понеделникот, „Црвените ѓаволи“ објавија дека доаѓаат нови отпуштања во клубот, кои ќе погодат меѓу 150 и 200 луѓе. Минатата година беа отпуштени 250 работници во клубот.

-Треба да ги решиме сите проблеми во клубот, но не смееме да заборавиме зошто сме во ваква ситуација. Ова има многу врска со недостатокот на успеси на фудбалските терени. Ние сме моторот на овој клуб. Сакам да му помогнам на тимот со мојата работа и играчите да можат да ги постигнат овие успеси. На сите им е тешко кога гледаме дека нашите пријатели ја губат работата, но мојата работа е да се фокусирам на тоа што можам да направам за клубот и да откријам што е направено лошо, за да се најдеме во оваа ситуација, изјави Португалецот.

Тој беше прашан и како негативната атмосфера околу тимот, кој не успеа да победи на ниту еден од последните три натпревари во Премиер лигата, влијае на него.

-Тешко ни е да победуваме на нашите натпревари. Оваа година беше доволно напорна за сите поради овие постојани промени. Доколку тимот играше добро и победуваше, овие промени ќе беа полесно да се прифатат. Но, во моментов сме во тежок период внатре во клубот и на самиот терен. Но, секој од нас треба да ја заврши својата работа подобро и да даде се од себе за да ги подобриме нашите перформанси, заклучи Аморим. дс

Фото: Архива

Остани поврзан