• четврток, 19 декември 2024

„Амнести интернешнел“ во писмо до Борел повика земјите од ЕУ да престанат да му доставуваат оружје на Израел

„Амнести интернешнел“ во писмо до Борел повика земјите од ЕУ да престанат да му доставуваат оружје на Израел

Лондон, 28 август 2024 (МИА) - Организацијата за заштита на човекови права „Амнести интернешнел“ во писмо до високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската унија, Жозеп Борел, во кое денеска имала увид агенцијата ДПА, ги повика земјите од Европската унија да престанат да му доставуваат оружје на Израел.

Организацијата, исто така, побара од ЕУ да не вложува ниту тргува со израелските населби на окупираните палестински територии, што беше оценето за нелегално во неодамнешното мислење што го објави Меѓународниот суд на правдата (МСП) во Хаг.

„Амнести интернешнел“ го испрати писмото пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел на кој ќе се разговара за војната во Газа меѓу Израел и Хамас, која започна со масакрот на Хамас врз израелските цивили во јужен Израел на 7 октомври. Во јули, МСП во необврзувачко советодавно мислење рече дека речиси 60-годишната окупација на палестинските територии од страна на Израел го прекршува меѓународното право и мора да заврши што е можно поскоро.

Иако одлуката на т.н Светскиот суд не е обврзувачки, тој е значаен бидејќи има авторитет на меѓународното право и може да ја ослаби поддршката за Израел. Највисокиот суд на Обединетите нации соопшти дека израелските населби, кои се изградени на окупираните палестински територии, се нелегални.

МСП, исто така, рече дека членовите на судот, вклучително и земјите од ЕУ, имаат одговорност да не ја поддржуваат окупациската политика или да не го прифаќаат статус квото создадено од Израел. „Амнести интернешнел“ во писмото до Борел наведува дека земјите од ЕУ „испорачувајќи оружје, технологија и опрема“ на Израел, не ја исполнуваат оваа обврска. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан