• среда, 25 декември 2024

Амнести интернешнал: Украинската армија ги загрозува цивилите со поставување воени бази во училиштата и болниците

Амнести интернешнал: Украинската армија ги загрозува цивилите со поставување воени бази во училиштата и болниците
Лондон, 4 август 2022 (МИА) - Украинската армија ги загрозува цивилите со поставување воени бази во училиштата и болниците и со напади од населени места со цел да се потисне руската инвазија, соопшти денеска невладината организација Амнести интернешнал.
„Ваквите тактики го прекршуваат меѓународното хуманитарно право“, се наведува во соопштението на организацијата.
- Ја документиравме тенденцијата на украинските сили да ги загрозуваат цивилите и да ги прекршуваат правилата за војна кога дејствуваат во населени области, рече генералниот секретар на Амнести, Ањес Каламар. Според неа, „фактот што тие се во позиција на одбрана не ја лишува украинската армија од обврската да го почитува меѓународното хуманитарно право“. Истовремено, Амнести нагласува дека тоа во никој случај не ги оправдува „слепите руски напади, во кои цел е цивилното население“. Како што е наведено, помеѓу април и јули, истражителите на Амнести интернешнал ги истражуваа руските напади во регионите Харков, Донбас и Миколаев, ги прегледаа погодените области и испрашуваа преживеани, сведоци и луѓе блиски до жртвите. Според Амнести, нивните истражувачи пронашле докази дека украинските сили извршиле напади од населени станбени области и воспоставиле бази во цивилни згради во 19 градови и села во тие области. Повеќето од станбените области каде што биле сместени војниците биле на неколку километри од линијата на фронтот, наведува Амнести и истакнува дека биле можни и други опции кои не би ги довеле во опасност цивилите, како што се воените бази или областите густо пошумени во близина. Амнести наведува дека војниците стационирани во овие населени места, според нивните сознанија, не побарале од цивилите да се евакуираат. Таа потврди дека украинските сили формирале воени бази во училиштата и болниците. Организацијата соопшти дека контактирала со украинското Министерство за одбрана во врска со заклучоците од нејзините истраги на 29 јули, но не добиле одговор до објавувањето на соопштението. паг/    

Остани поврзан