Американските царини врз европски стоки би можеле силно да ја погодат германската економија, покажува извештај на ИФО
- Американските царини врз европските стоки би можеле да имаат огромно влијание врз германската економија, соопшти денеска водечкиот економски институт во Германија, јави ДПА.

Берлин, 2 април 2025 (МИА) - Американските царини врз европските стоки би можеле да имаат огромно влијание врз германската економија, соопшти денеска водечкиот економски институт во Германија, јави ДПА.
Според пресметките на минхенскиот Институт за економски истражувања (ИФО), објавени само неколку часа пред американскиот претседател Доналд Трамп да најави нова серија царини, евентуалното воведување на реципрочни царини од страна на САД - со иста стапка како оние што ги плаќаат американските производи при извоз - би довело до пад на германскиот извоз за 2,4 отсто.
- Околу половина од германскиот извоз во САД би бил погоден, изјави експертот за трговија од ИФО, Лисандра Флах.
Во извештајот се посочува дека ефектот би бил ограничен, бидејќи разликата во царинските давачки меѓу САД и Европската Унија е само околу 0,5 отсто.
Меѓутоа, доколку САД воведат униформно зголемување на царините од 20 отсто, последиците за германската економија би биле значително потешки.
Претходни симулации на ИФО покажаа дека американски царини од 60 отсто за Кина и 20 отсто за остатокот од светот би можеле да го намалат германскиот извоз во САД за околу 15 проценти.
Спротивно на тоа, трговски договор меѓу ЕУ и САД кој би резултирал со намалување на реципрочните царини би бил од корист за германската економија, се наведува во студијата.
„Планираното зголемување на царините претставува пресвртница и е директен напад врз глобалниот економски поредок заснован на правила“, рече Флах. „Во практика, тоа го поткопува мултилатерализмот што трае речиси 80 години, оцени таа. ссм/
фото: архива