• сабота, 28 декември 2024

Американските разузнавачки служби уверени дека Хамас ја користел болницата Ал-Шифа како команден центар

Американските разузнавачки служби уверени дека Хамас ја користел болницата Ал-Шифа како команден центар

Вашингтон, 3 јануари 2024 (МИА) - Американските разузнавачки служби се убедени дека палестинските милитантни групи ја користеле најголемата болница во Газа, Ал-Шифа, за сместување на командната инфраструктура и држење на неколку заложници заробени за време на нападот од 7 октомври, изјави денеска неименуван американски претставник. 

Американските медиуми пренесуваат дека ваквата американска безбедносна проценка дава дополнителна поддршка на израелските тврдења за болничкиот комплекс Ал-Шифа, во кој израелските сили упаднаа во ноември. Операцијата беше осудена од многу меѓународни хуманитарни организации, како и од некои членови на Демократската партија на американскиот претседател Џо Бајден.

Објавената информација, сепак, не дава целосна поддршка за некои од најзначајните израелски тврдења, како што е тоа дека болницата служела како главен центар за активностите на Хамас и палестинскиот Исламски џихад. 

„Американската разузнавачка заедница е уверена во својата проценка на оваа тема и независно ги потврди информациите за тоа како Хамас и Исламски џихад го користат болничкиот комплекс за различни цели во борбата против Израел“, се наведува во проценката.

Палестинските милитантни групи „се верува дека го користеле болничкиот комплекс Ал-Шифа и локациите под него за сместување на командната инфраструктура, спроведување одредени командни и контролни активности, складирање оружје и држење на најмалку неколку заложници“, изјави неименуваниот американски функционер. 

САД веруваат дека членовите на Хамас биле евакуирани неколку дена пред Израел да упадне во комплексот, на 15 ноември, и да уништи чувствителни документи и електроника пред израелските трупи да влезат во објектот. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан