• четврток, 26 декември 2024

Американските разузнавачи предупредуваат дека повлекувањето од Авганистан би можело да ги поттикне терористите

Американските разузнавачи предупредуваат дека повлекувањето од Авганистан би можело да ги поттикне терористите
Вашингтон, 15 април 2021 (МИА) - Американските разузнавачи предупредуваат дека повлекување на американските војници од Авганистан може да ги охрабри терористичките организации како Ал Каеда и Исламската држава да ги обноват силите потребни за напад врз САД. Критичарите на повлекувањето на американските трупи стравуваат дека Авганистан може да стане рај за терористите, и покрај две децении борба против нив. - Кога САД и коалициските сили ќе се повлечат, ќе има значителен ризик. Тоа ќе ја ослаби способноста на американската влада да реагира на закани. Тоа е едноставно факт, истакна новиот директор на ЦИА, Бил Барнс. Тој додаде дека Ал Каеда и ИД во Авганистан ќе продолжат да ги обновуваат своите капацитети со цел да напаѓаат американски цели, без разлика дали се во регионот, на Запад или во САД. Но, Барнс потенцира дека во моментов ниту една од споменатите терористички организации нема капацитет да ги нападне САД. И други претставници на американските разузнавачки служби истакнаа дека терористичката закана не е толку голема како кога САД влегоа во војна во Авганистан. Според нивните проценки борба против тероризмот го ослабнале раководството на Ал Каеда, како и нејзиното присуство во Авганистан, со помалку од 200 членови. Додека за ИД истакнуваат дека не поседува толкава територија во Авганистан како порано, но дека има 2.500 борци. Барнс потенцира дека во следните месеци ќе се види колку талибанците се подготвени да го исполнат договорот со САД, да ги прекинат врските со Ал Каеда и да спречат напади на терористички групи од Авганистан врз американски цели. - Дури и ако талибанците не го исполнат тоа, американските разузнавачки служби сигурно ќе ја следат Ал Каеда, посочи Барнс. Државен секретар на САД, Ентони Блинкен денеска пристигна во Авганистан, во ненајавена посета, при што ќе го претстави планот за повлекување на американските војници пред авганистанската Влада. Американските војници треба да се повлечат неколку месеци по крајниот рок утврден во договорот постигнат од поранешниот претседател Доналд Трамп со талибанците во февруари 2020 година, додека преговорите меѓу Кабул и бунтовниците се во застој, а не е ниту намалено насилството. Според договорот на Трамп повлекување на 2.500 американски војници треба да почне на 1 мај и заедно со повлекувањето на трупите на НАТО да заврши до 11 септември. Мисијата на НАТО „Одлучна поддршка“ вклучува вкупно 9.600 војници од 36 земји. Талибанците се против пролонгирање на рокот за повлекување на американските војници од Авганистан. - Доколку се прекрши договорот и ако странските сили не ја напуштат нашата земја во предвидениот рок, сигурно ќе има проблеми и тие што не го почитуваат договорот ќе бидат одговорни за тоа, предупреди вчера портпаролот на талибанците. Талибанците претходно најавија дека нема да присуствуваат на мировна конференција за Авганистан, што треба да се одржи од 24 април до 4 мај во Истанбул, сè додека сите странски сили не го завршат повлекувањето. Конференцијата треба да овозможи отпочнување на директни мировни разговори помеѓу талибанците и Владата во Кабул. ми/

Остани поврзан