• петок, 22 ноември 2024

Американскиот Конгрес го избра Дејвид Џ. Костеланчик за нов амбасадор во Албанија

Американскиот Конгрес го избра  Дејвид Џ. Костеланчик за нов амбасадор во Албанија

Тирана, 28 април 2023 (МИА) - Американскиот Конгрес го избра  дипломатот од кариера Дејвид Џ. Костеланчик за амбасадор на Соединетите американски држави во Албанија, кој на оваа функција набрзо ќе ја замени амбасадорката Јури Ким.

Доаѓа од местото советник за надворешна политика на началникот на Генералштабот на САД, генерал Марк Мили. Претходно бил заменик-шеф на мисијата и две години вршител на должност во амбасадата на САД во Будимпешта, Унгарија.

Тој, исто така, бил директор на Канцеларијата за прашања на Јужна Централна Европа и директор на Канцеларијата за руски прашања во Бирото за европски и евроазиски прашања, како и директор на Канцеларијата за Европа и Азија во Меѓународното биро за наркотици и спроведување на законот. Двапати бил дел од американската амбасада во Москва а служел и во мисиите на САД во ОБСЕ и НАТО, како и во Анкара, Турција.

Бил дел од персоналот во американската амбасада во Албанија во раните 90-ти, во политичката канцеларија и добро го владее албанскиот јазик, што според медиумите, се очекува уште повеќе да ја олесни неговата задача како амбасадор во Албанија.

Дипломатот Костеланчик, по потекло од државата Илиноис, дипломирал на Универзитетот Нортвестерн во оваа држава. Тој, исто така, има две магистерски дипломи од Националниот воен колеџ и Универзитетот во Мичиген. Зборува руски, унгарски, албански и турски јазик. вт/

Остани поврзан