Американската амбасада во Багдад нападната со беспилотни летала
- Британските медиуми објавија дека неименувано лице видело најмалку три беспилотни летала како се движат кон амбасадата и дека системот за воздушна одбрана C-RAM соборил два од нив, а третиот дрон удрил во комплексот на амбасадата, од каде што можеле да се видат оган и чад.
Багдад, 17 март 2026 (МИА) - Ракети и најмалку пет беспилотни летала денеска биле лансирани врз американската амбасада во Багдад од областите околу градот, соопштија ирачки безбедносни извори опишувајќи го нападот како најинтензивен од почетокот на американско-израелската војна со Иран.
Британските медиуми објавија дека неименувано лице видело најмалку три беспилотни летала како се движат кон амбасадата и дека системот за воздушна одбрана C-RAM соборил два од нив, а третиот дрон удрил во комплексот на амбасадата, од каде што можеле да се видат оган и чад. Друг сведок потврди дека во ирачкиот главен град се слушнала експлозија.
„Ројтерс“ се обидел да добие потврда од американската амбасада, но телефоните биле исклучени.
Милитантните групи поддржани од Иран напаѓаат американски цели во Ирак како одмазда за воздушните напади на САД и Израел што почнаа на 28 февруари.
Групата Катаиб Хезболах вчера соопшти за смртта на свој висок командант и портпаролот на групата, а Силите за народна мобилизација соопштија дека во воздушните напади загинале најмалку осум нејзини борци во ирачкиот град Ал-Каим, во близина на Сирија.
Ирачките безбедносни сили се распоредени во делови од главниот град и ја затворија утврдената зелена зона во Багдад, во која се сместени владини згради и дипломатски мисии, вклучувајќи ја и амбасадата на САД.сд/јт/
Фото:МИА архива