• среда, 25 декември 2024

Американка, пропалестинска активистка, убиена на Западниот Брег

Американка, пропалестинска активистка, убиена на Западниот Брег

Ерусалим, 6 септември 2024 (МИА) - Американка, пропалестинска активистка (26) со прострелна рана во главата, била донесена мртва во болницата „Рафидија“ во Наблус, на Западниот Брег, потврди денеска директорот на болницата.

Палестинската новинска агенција Вафа тврди дека младата жена била убиена од израелски војник, а израелската армија соопшти дека не може да го коментира тврдењето.

Според Вафа, убиството се случило во близина на градот Наблус, во местото Беити, палестински град каде што токму таа американска активистка на почетокот на август изјавила дека била ранета од израелски војници за време на демонстрациите против проширувањето на израелските населби во областа.

Агенцијата наведува дека активистката била учесник во меѓународната кампања за солидарност наречена „Фаза“ за заштита на палестинските фармери од насилството на еврејските доселеници.

Најмалку 661 Палестинец се убиени на Западниот Брег од оган од израелски војници или еврејски доселеници, според палестинското Министерство за здравство, а најмалку 23 Израелци, вклучително и војници, загинале во палестински напади или во воени операции, според официјалните израелски податоци. паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан