• четврток, 26 декември 2024

Американец доби модифициран бубрег од свиња, прво вакво пресадување во историјата

Американец доби модифициран бубрег од свиња, прво вакво пресадување во историјата

Бостон, 22 март 2024 (МИА) - Свински бубрег првпат е успешно пресаден на жив човек, во американската Општа болница во Масачусетс. Според соопштението, генетски преуредениот орган од свиња бил трансплантиран на 62-годишен маж од САД кој живеел со бубрежна болест во краен стадиум.

Инаку, во случајов се работи за ксенотрансплантацијата - пресадување органи или ткива од еден вид на друг. На тоа науката гледа како на можно решение во случај на недостиг на органи.

Хирурзи од Центарот за општа трансплантација ја спроведоа операцијата во саботата и таа траела четири часа. Извршната директорка на установата, Ен Клибански изјави дека истражувачите и лекарите со ова ги поместуваат границите на медицината и науката.

- Минаа речиси 70 години по првата успешна трансплантација на бубрег, а нашите лекари уште еднаш си ја покажаа посветеноста да обезбедиме иновативни третмани и да помогнеме во олеснување на товарот на болеста за нашите, и другите пациенти во светот, нагласи Клибански.

Свинскиот бубрег, инаку, бил генетски преуреден за да се отстранат штетните свински гени и да се додадат човечки гени за да се подобри неговата компатибилност со човекот. Пациентот добро закрепнува и се очекува наскоро да биде пуштен дома, соопштија од болницата.  си/ссм/

Фото: МИА архива

Остани поврзан