• недела, 24 ноември 2024

Амбасадорот на Франција ја одликуваше пратеничката Лидија Тасевска со орденот Витез на Националниот ред за заслуги

Амбасадорот на Франција ја одликуваше пратеничката Лидија Тасевска со орденот Витез на Националниот ред за заслуги

Куманово, 23 декември 2023 (МИА) - Амбасадорот на Франција Сирил Бомгартнер ја одликуваше пратеничката во Собранието, Лидија Тасевска од Куманово со орденот витез на Националниот ред за заслуги, за нејзиниот значаен придонес во развојот на односите помеѓу двете земји.

- Овој ден засекогаш ќе биде врежан длабоко во моите најубави сеќавања затоа што имав огромна чест и задоволство да бидам одликувана со една од најпрестижните титули-витез на Националниот ред за заслуги на Франција од страна на претседателот на Франција, Емануел Макрон кој ми го додели амбасадорот на Француската Република, Н. Е. Сирил Бомгартнер во неговата резиденција во Скопје, вели Тасевска.

Таа додава дека одликувањето за неа преставува признание за нејзините дводецениски напори за поддршка на франкофонските вредности како и засилување на културните и јазични врски помеѓу Република Северна Македонија и Република Франција.

- Оваа титула ми дава инспирација и ја засилува мојата желба за во иднина да продолжам континуирано и посветено да работам кон промоцијата на франкофонијата во нашата земја, вели Тасевска.

Ова е второ одликување за Тасевска од Француската Република, по првото од 2010 година, што е резултат на нејзините дводецениски заложби за соработка помеѓу Република Северна Македонија и Француската Република.

Пратеничката Тасевска овој пат го почнува уште како професор во билингвална паралелка во 1999 година во кумановската гимназија „Гоце Делчев“. Таа е активен франкофон во македонското Собрание и веќе неколку години учествува во групата за соработка помеѓу Франција и Северна Македонија и во мрежата на жени франкофонки на конференции за промоција и афирмација на франкофонијата и продлабочување на културната соработка помеѓу двете земји. ам/хс/


Фото: Амбасада на Франција, ФБ Лидија Тасевска

Остани поврзан