• среда, 25 декември 2024

Амбасадорот на Франција Сирил Бомгартнер во посета на Крива Паланка

Амбасадорот на Франција Сирил Бомгартнер во посета на Крива Паланка
Крива Паланка, 12 април 2022 (МИА) - Амбасадорот на Франција во Северна Македонија, Сирил Бомгартнер, оствари средба со градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод одбележувањето на неделата на франкофонијата и одржување на „Франкофонска вечер 2022". Бомгартнер истакна дека  иако е само година и половина во државата, веќе му е познат континуитетот на негување на франкофонијата во општината. -Досегашната соработка со Општината и Амбасадата е одлична, треба да се продлабочи и динамизира. Се радувам за залагањата на професорите за афирмација на францускиот јазик и култура, ние најмногу сме за одбрана и што поголема застапеност на францускиот јазик, чиешто изучување се намалува во изминатите десетина години во целата држава. Но, ме радува што ја имаме и вие и ние, како што јас ја нарекувам,  амбасадорката на нашата амбасада во Крива Паланка, вашата сограѓанка, професорката по француски јазик од ООУ Јоаким Крчовски, Елена Николовска, рече Бомгартнер. На состанокот беше истакната дека треба да се продлабочи постојната соработка и да се зајакне динамиката на изучување на францускиот јазик. - Мое е задоволство што сте наш гостин денес и би сакал да истакнам дека благодарение на активностите од областа на франкофонијата на професорката Николовска, Крива Паланка има остварено соработка со „Еуроп раид" 2019  година кога околу 900 француски државјани беа во градот и донираа училишни материјали, а има најава повторно да дојдат годинава, се оствари соработка и со фондацијата „Бел Идеал" на нашата сограѓанка Јадранка Бенреждал, која ги наградува и учениците и професорите, а донира и учебници и книги по француски јазик, а секако општината се промовира надалеку и со одличните успеси на национални и интернационални натпревари на учениците по француски јазик, рече градоначалникот Митовски. Тој посочи дека општината очекува доколку постојат програми на Амбасадата на Франција да достави проектни апликации, а се осврна и на значењето на најавената достапна поддршка од Француската агенција за развој. Амбасадорот Бомгартнер и градоначалникот Митовски беа дел и од дебатата со младите франкофони во Европската куќа Крива Паланка, на тема „Европа и Европска Унија", по што ја проследија и „Франкофонска вечер 2022".ид/лв/  

Остани поврзан