Амбасадорот на Франција Кристоф Ле Лиголер во работна посета на Неготино
- Амбасадорот на Франција Кристоф Ле Лиголер денеска беше во работна посета на градот Неготино, информираше попладнево неготинскиот градоначалник Горан Стојанов.

Неготино, 28 февруари 2025 (МИА) - Амбасадорот на Франција Кристоф Ле Лиголер денеска беше во работна посета на градот Неготино, информираше попладнево неготинскиот градоначалник Горан Стојанов.
Притоа, како што соопшти градоначалникот, во неговиот кабинет, амбасадорот изјавил дека ако географски Неготино важи за град сместен во „срцето“ на државата, за Француската амбасада и Република Франција претставувал „срце“ што чука за образованието на француски јазик во земјава.
- Како градоначалник на општина Неготино имав пријатна можност да се задржам во краток и конструктивен разговор со амбасадорот Лиголер при што го запознав со личната карта на општината и моето и работењето на локалната самоуправа, соопшти Стојанов.
Заедно со амбасадорот престојувале и во СОУ „Св. Кирил и Методиј“, каде што од страна на амбасадорот биле доделени акредитирани сертификати за познавање на францускиот јазик од ниво А1 до Б2 на професори и ученици од гимназијата и на професори од ООУ „Гоце Делчев“, а се одржала и работилница за медиумската писменост. свд/мд/
Фото: Општина Неготино