• среда, 04 февруари 2026

Амбасадорот на Бугарија, Радуков, и градоначалникот на Ќустендил Атанасов во посета на Општина Крива Паланка

Амбасадорот на Бугарија, Радуков, и градоначалникот на Ќустендил Атанасов во посета на Општина Крива Паланка

Крива Паланка, 3 февруари 2026 (МИА) - Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, денеска во својот кабинет оствари работна средба со амбасадорот на Република Бугарија во нашата земја, Жељазко Радуков, и со градоначалникот на Општина Ќустендил, Огњан Атанасов, при што била потврдена заедничката определба за унапредување на добрососедските односи и продлабочување на меѓуопштинската соработка.

Од прес-службата на Општината информираат дека средбата поминала во духот на отворен дијалог, взаемна почит и визија за градење стабилни партнерства што ќе донесат конкретни придобивки за граѓаните од двете страни на границата.

Градоначалникот Митовски истакнал дека средбата претставува значаен чекор напред и силна порака дека со искрена волја и добра намера може да се градат трајни мостови на пријателство и соработка.

-Овој ден го потврдува фактот дека искрената соработка и добрата волја создаваат мостови што траат со поколенија. Со почит кон минатото, одговорност кон сегашноста и силна верба во иднината, заедно можеме да градиме ново и подобро време за нашите два народа, нагласил Митовски.

Тој, како што се посочува, изразил благодарност до градот Ќустендил, до Република Бугарија и бугарскиот народ за несебичната помош и поддршка за време на пожарите што минатото лето го зафатија централното градско подрачје на Крива Паланка, потенцирајќи дека таа подадена рака, хуманост и покажаната солидарност ќе останат трајно врежани во колективната меморија на градот.

Посебна благодарност била упатена до градоначалникот Огњан Атанасов и амбасадорот Радуков за нивната континуирана поддршка, активен ангажман и посветеност на јакнењето на пријателските и добрососедски односи меѓу двете земји и локалните заедници.

На средбата биле договорени и конкретни идни чекори, меѓу кои потпишување меморандум за соработка во повеќе области од взаемен интерес, како и организирање заедничка седница на советите на Општина Крива Паланка и Општина Ќустендил, на која ќе бидат дефинирани моделите, формите и насоките за понатамошна соработка.

-Имаме јасна визија и цврста волја, овде, под Осоговските Планини, заеднички да создаваме одржливи и подобри услови за живот, развој и напредок. Верувам дека ова е почеток на едно ново поглавје што ќе донесе конкретни резултати и вистински придобивки за граѓаните од двете страни на границата, порачал Митовски.

Од општината нагласија дека оваа пријателската средба се одвивала во насока на поттикнување и понатамошно зајакнување на регионалната соработка, како позитивен пример за тоа дека заедништвото, разбирањето и партнерството се темел на стабилна и просперитетна иднина. ид/вг/

Фото: Општина Крива Паланка

Остани поврзан