• четврток, 26 декември 2024

Амбасадорката Јовановиќ донираше учебници на српски јазик за кумановската гимназија „Гоце Делчев“

Амбасадорката Јовановиќ донираше учебници на српски јазик за кумановската гимназија „Гоце Делчев“
Куманово, 18 октомври 2022 (МИА) - Амбасадорката на Србија во државата, Невена Јовановиќ и директорката на Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците, Розита Благојевиќ, денеска ја посетија кумановската гимназија „Гоце Делчев“. При посетата амбасадорката донираше книги за учениците кои следат настава на српски јазик и се заблагодари на можноста учениците да учат на мајчин јазик и во средно образование. - Учењето на српски јазик е важен дел во зачувување на српскиот идентитет и ја користам оваа прилика да се заблагодарам првенствено на гимназијата за можноста за изучување на српскиот јазик, на директорката на Управата за унапредување на образованието на јазиците на малцинските заедници, на нејзиниот личен напор и придонес во нашата успешна соработка. Република Србија е благодарна на Република Северна Македонија за сè што прави за српската заедница која живее овде, а ние како матица секогаш ќе ги помагаме припадниците на српска заедница, а особено овие млади и перспективни луѓе бидејќи иднината е нивна, изјави амбасадорката. Во кумановската гимназија „Гоце Делчев“ настава на српски јазик следат четири ученика во прва година и три во втора година. Во државава во три основни училишта настава се изведува на српски јазик, од нив две се во поширокиот кумановски регион. - После долги години се случи минатата година, учебната 2021-2022 гимназијата „Гоце Делчев“ да отвори една паралелка на српски наставен јазик, тоа е за почит. И оваа учебна година имаме запишано четири ученици коишто ја следат наставата на српски јазик во прва година, кажа директорката на Управата, Розита Благојевиќ. Помошник директорката на кумановската гимназија, Валентина Арсиќ рече дека има интерес за изучување на српски јазик во гимназијата, особено од учениците кои доаѓаат од основните училишта „Браќа Рибар“ од село Табановце и од „Светозар Марковиќ“ од Старо Нагоричане. ам/ев/

Остани поврзан