• среда, 20 ноември 2024

Амбасадорката на САД по инцидентот во Елбасан побара спроведување истрага и воздржаност од Мета, Рама и Баша

Амбасадорката на САД по инцидентот во Елбасан побара спроведување истрага и воздржаност од Мета, Рама и Баша
Тирана, 21 април 2021 (МИА) - По вооружениот инцидент кој попладнево се случи во албанскиот град Елбасан, при што беше убиен активист на владејачката Социјалистичка партија, реагираше амерканската амбасадорка во Тирана, Јури Ким. Таа ги повика надлежните органи за спроведување на законот колку е можно побрзо во целост да го испитаат инцидентот, да ги откријат сторителите и соодветно да ги казнат. - Со посебно внимание ги следиме извештаите за денешното насилство во Елбасан, кое заврши со смрт на едно лице и уште неколку повредени. Ги повикуваме службените лица за спроведување на законот што побрзо и во целост да го испитаат овој инцидент, да ги идентификуваат сторителите и да ги казнат согласно законот. Инволвираните во вакво насилство треба да бидат казнети, се наведува во реакцијата. Амбасадорката Ким побарала од претседателот Илир Мета, лидерот на социјалистите и премиер Еди Рама и лидерот на опозициските демократи, Љуљзим Баша да бидат воздржани и така да се однесуваат. - Нашите постапки треба да се засноваат на факти, а не на страв или озборувања. Кога само неколку дена не делат од изборите на 25 април, ја повторуваме нашата изјава од 26 март со која ги повикуваме лидерите - оние кои се на власт и оние кои бараат власт - експлицитно да го отфрлат насилството, се посочува во реакцијата. Амбасадата на САД во Тирана порачува дека ќе продолжи внимателно да ја следи ситуацијата. вт/гт/

Остани поврзан