Амбасадорката на Германија Петра Дрекслер во посета на Општина Кочани
- Германската амбасадорка Петра Дрекслер, денеска ја посети Општина Кочани, каде што оствари средба со градоначалникот Владко Грозданов. На средбата се разговарало за актуелната состојба во Кочани, во пресрет на годишнината од трагичниот пожар во објектот „Пулс“, како и за тековните активности на Општината, предизвиците и можностите за понатамошен развој, информира локалната самоуправа преку соопштение.
Кочани, 15 јануари 2026 (МИА) - Германската амбасадорка Петра Дрекслер, денеска ја посети Општина Кочани, каде што оствари средба со градоначалникот Владко Грозданов.
На средбата се разговарало за актуелната состојба во Кочани, во пресрет на годишнината од трагичниот пожар во објектот „Пулс“, како и за тековните активности на Општината, предизвиците и можностите за понатамошен развој, информира локалната самоуправа преку соопштение.

Градоначалникот Грозданов ја известил амбасадорката за напорите што ги вложува локалната самоуправа за подобрување на безбедноста, јакнење на капацитетите на службите и за унапредување на квалитетот на живот на граѓаните.
Амбасадорката Дрекслер ја истакнала подготвеноста на Амбасадата на Германија да продолжи со поддршка и помош за Кочани, нагласувајќи дека, во соработка со Делегацијата на Европската Унија и со други дипломатски мисии, ќе се настојува да се одговори на конкретните потреби на заедницата.
Во таа насока е искажана благодарноста од Општина Кочани за досегашната поддршка што Германската амбасада ја обезбедила за Кочани, вклучително и за Доброволното противпожарно друштво – Кочани, преку донации и опрема што значително придонесоа за зајакнување на подготвеноста и капацитетите за справување со пожари и други вонредни состојби. Таа поддршка беше оценета како важен пример за солидарност и конкретна помош на терен, стои во соопштението.

Средбата завршила со заедничка оценка дека соработката меѓу Општина Кочани и меѓународните партнери е од клучно значење за надминување на последиците од трагедиите и за градење побезбедна и поотпорна локална заедница, информира Општината. ис/аа/
фото: Општина Кочани