• сабота, 21 декември 2024

Амбасадата на Србија најостро го осуди нападот на просториите на нејзиниот Конзулат во Куманово

Амбасадата на Србија најостро го осуди нападот на просториите на нејзиниот Конзулат во Куманово

Скопје, 29 ноември 2024 (МИА) - Амбасадата на Република Србија во Република Северна Македонија денеска преку соопштение најостро го осудува вандалскиот чин што се случи вчера кога од фасадата на зградата на Конзулатот на Република Србија во Куманово, во доцните вечерни часови, младо машко лице, обвиено со албанско знаме, насилно ја отстранило таблата со грбот на Република Србија и натписот „Конзулат на Република Србија во Куманово - Почесен конзул“, напишан на српски и македонски јазик.

Притоа, се посочува понатаму во соопштението, Амбасадата на Република Србија во Скопје изразува длабока загриженост во врска со вчерашното сквернавење на државните симболи на Република Србија и загрозување на безбедноста на просториите на Конзулатот на Република Србија во Куманово, особено имајќи го предвид фактот дека просториите на дипломатско-конзуларните претставништва и резиденцијални објекти наменети за членовите на дипломатскиот персонал на Република Србија, не е првпат да бидат предмет на вандалски напади на територијата на Република Северна Македонија.

-Во овој поглед, Амбасадата нагласува дека е целосно посветена на соработка со надлежните органи на Република Северна Македонија, со цел што поскоро откривање и процесуирање на сторителот на насилниот чин, чиј идентитет може недвосмислено да се утврди врз основа
на достапните снимки од безбедносни камери. Амбасадата на Република Србија останува посветена на негување пријателски односи со
Република Северна Македонија и изразува уверување дека надлежните органи на земјата домаќин, во духот на развиените билатерални односи и добрососедството, ќе направат се за да се реши овој случај на адекватен начин, стои во соопштението од српската Амбасада кон кое е прикачена и видео-снимка од инцидентот. вг/аа/

Фото: Амбасада на Република Србија

Остани поврзан