Амбасадата на САД во Тирана: Ги повикуваме партиите на еднаков политички процес за сите, не го менуваме ставот за Бериша
- Американската амбасада во Тирана упати порака за парламентарните избори, што на 11 мај идната година ќе се одржат во Албанија, апелирајќи на еднаков политички процес за сите, при тоа јасно ставајќи до знаење дека „нема да го променат ставот за Бериша прогласен за непожелен во САД“.
Тирана, 17 декември 2024 (МИА) - Американската амбасада во Тирана упати порака за парламентарните избори, што на 11 мај идната година ќе се одржат во Албанија, апелирајќи на еднаков политички процес за сите, при тоа јасно ставајќи до знаење дека „нема да го променат ставот за Бериша прогласен за непожелен во САД“.
Вршителката на должност амбасадорката на САД во Албанија, Ненси Ван Хорн, во пораката објавена денеска нагласува дека здравата опозиција е важен дел од енергичната демократија.
„Здравата опозиција е критично важен дел од енергичната демократија. Ги ценам можностите што ги имав во последните месеци да се сретнам со различни претставници на опозицијата за да слушнам различни перспективи за предизвиците со кои се соочува албанскиот народ, загриженоста за претстојниот изборен амбиент и како Албанија може да изгради најдобра иднина, стои во објавата.
Бара сите партии да се вклучат во изборниот процес, додавајќи дека „САД не се ангажираат со поединци за кои е утврдено дека се вмешани во висока корупција“.
-Ги повикувам сите партии да се вклучат конструктивно во политички процес кој е правичен за сите. Ние стоиме на нашата долгогодишна позиција дека не се занимаваме со поединци вмешани во висока корупција и не го менуваме ставот за нив, пишува Ненси Ван Хорн.
Ова следува откако Бериша на средба со партиско членство најави дека како иден премиер, ќе обезбеди благосостојба за албанските граѓани.
Поранешниот премиер, екс-претседател и актуелен лидер на опозициските демократи, Сали Бериша и неговото семејство, беа прогласени за „нон грата“ од САД за висока корупција и поткопување на демократијата на 19 мај 2021 година.
„Корупциските дела на поранешниот албански претседател и премиер Сали Бериша ја поткопуваат демократијата во Албанија. Јавно прогласувам дека Сали Бериша и членовите на неговото семејство немаат право да влезат во Соединетите Американски Држави. Продолжуваме да се залагаме против корупцијата заедно со нашите партнери во Албанија“, напиша тогаш американскиот државен секретар Антони Блинкен во порака на Твитер.
Во јули истата година, под истото образложение тоа го стори и Велика Британија. вт/ссм/