• четврток, 26 декември 2024

Амбасадата на Полска донираше книги од полски автори на општинската библиотека во Виница

Амбасадата на Полска донираше книги од полски автори на општинската библиотека во Виница

Виница, 28 мај 2024 (МИА) – Амбасадорот на Република Полска, Кшиштоф Гжелчик денеска оствари работна посета на општина Виница, при што донираше книги од полски автори на општинската библиотека „Ванчо Прке“.

Донацијата е во рамки на проектот „Полска на полица“ што почна годинава и опфатени се националните и општински библиотеки во десетина градови, а чија цел е популаризација на полската литература меѓу македонските читатели.

-Амбасадата обезбеди педесетина наслови од класичната и современата полска литература, а подготви и каталог со опис на делата и презентација на нивните автори. Со тоа библиотеката во Виница се приклучува кон одбележувањето на Месецот на полската книжевност, во чии рамки организираме конкурси за млади и возрасни читатели. Очекуваме дека овие активности ќе резултираат не само со понатамошни проекти што ги реализира Амбасадата, туку и со потесна соработка на македонските и полските библиотекари и со задоволство ќе помогнеме во воспоставувањето контакти, истакна амбасадорот Гжелчик.

Координаторка на проектот за донација на книги е госпоѓата Јоланта Гжелчик, сопруга на полскиот амбасадор, која исто така е тесно поврзана со библиотекарската дејност во родната земја. 

-Драго ми е што библиотекарите се вклучија во оваа иницијатива, затоа што преку книгите и читателите ќе воспоставиме посилни врски и ќе ја промовираме нашата книжевност. Се надеваме дека вашата читателска публика ќе најде интересни наслови и ќе ја мотивираме и понатаму да истражува и да ја открива полската литература, истакна госпоѓата Гжелчик. 

Од библиотеката „Ванчо Прке“ нагласија дека веќе имаат одреден број книги од полски автори, а со донацијата на новите наслови ќе се отвори посебно катче за полска литература.

Во рамки на посетата на Виница, полскиот амбасадор се сретна и со градоначалникот Миле Петков, при што беше договорено соработката да продолжи, пред сè на културно-образовен план, преку посета на музички фестивали и размена на ученици и искуства од двете држави во рамки на европските проекти за образовна поддршка. та/ир

 

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан