• сабота, 23 ноември 2024

Амандманска расправа по Предлог законот за стручно усовршување и обука на административните службеници

Амандманска расправа по Предлог законот за стручно усовршување и обука на административните службеници

Скопје, 1 февруари 2024 (МИА) – Собраниската Комисија за европски прашања денеска ја почна амандманската расправа по Предлог на законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, по скратена постапка и со европско знаменце, дел од пакетот закони подготвени од Министерството за информатичко општество и администрација. За овој предлог-закон поднесени се 10 амандмани од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Членови на Комисијата од опозицијата оценија дека предлог законот не е добро решение и го оквалификуваа како криминален. Тие побараа да се одвива јавна расправа по сите закони кои се однесуваат на реформата во администрацијата. Обвинија дека потпретседателката на Комисијата за европски прашања Арта Биљали-Зендели има намера да го стави на „брза лента“ законот по секоја цена. Сметаат дека со предлог-законот нема никакво усогласување со европското законодавсто и оти се злоупотребува европското знаменце. Наспроти нив, за пратениците од власта, предлог-законот е добар и во полза на граѓаните.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска истакна дека е предлог-законот е криминален и праша зошто се носи, како што рече, набрзина и нетранспарентно. 

- Ова требаше да се донесе одамна. Зошто вака набрзина и нетранспарентно? Навистина не разбирам. Четири закони кои се клучни за подобрување на администрацијата. Вака ли се прават реформи на администрациуја? Со тоа што ќе определите кој-кого може да унапреди, кој-кого може со ментроство да го земе, кој-кому да му ја покачи платата и ќе ми зборувате тука за квалитет за мерит систем. Не, напротив. И најдобро ќе биде веднаш, вие го имате тоа право заменичке, веднаш да прогласите крај на расправата за сите уште три закони по два дена, за да не се срамите, рече Стојаноска.

Според заменик-координаторот на Алијансата за Албанците, Халил Снопче, овие закони се добри и во полза на граѓаните.

-Вие (ВМРО-ДПМНЕ) имате огромна вина за ова а ситуација во јавната администрација за која ние се обидуваме да ја санираме. Се обидуваме со овие предлози. Вие тука сакате само да правите политичка кампања, рече Снопче.

Како што стои во образложението за Предлог-законот објавено на собраниската веб-страна, со него се уредува постапката на организирање и спроведување обука на административните службеници, основањето и работењето на Агенција за обука на административните службеници, како и други прашања од значење за стручното усовршување на административните службеници.

Целта на Законот, како што се наведува, е обезбедување на квалитетно, професионално, непристрасно, ефективно и ефикасно работење на административните службеници, согласно Уставот на Република Северна Македонија и закон, преку нивно постојано стручно усовршување и обучување.

-Предлог законот ќе претставува нова нормативно правна институционална поставеност во системот на уредување на правата и обврските на административните службеници, со цел сеопфатно системско уредување на односите на ова прашање. Важно е да се нагласи дека првпат во историјата на македонската администрација ова прашање со сета негова сложеност, суштински, соодветно и во целост ќе се опфати со закон, за што ќе се формира и агенција за обука на административните службеници, како институција, надлежна за спроведување на законот. Предлог законот нуди системски решенија, со институционален пристап, преку кој, административните службеници ќе можат да ги задоволат потребите за јакнење и надградба на своите професионални компетенции. Овој предлог закон обезбедува и верификација на ново стекнатите знаења и вештини, кои, административните службеници ќе можат да ги валозирираат во пракса, како професионален одговор на работните обврски и задачи во институциите каде се вработени, се вели во образложението за предлог-законот.фф/лв/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан