• понеделник, 28 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Ал Шара повика на единство во Сирија и на државен монопол врз оружјето

Ал Шара повика на единство во Сирија и на државен монопол врз оружјето

Дамаск, 25 февруари 2025 (МИА) - Повеќе од два и пол месеци по падот на Башар ал Асад од власт, привремениот сириски претседател Ахмед ал Шара денеска ја истакна важноста на единството во земјата, како и државниот монопол врз оружјето.

„Единството на државата и монополот врз оружјето во рацете на државата не се луксуз, туку должност и обврска. Сирија не прифаќа поделба, таа е една целина и нејзината сила се заснова на нејзиното единство“, рече тој на отворањето на Конференцијата за национален дијалог во Дамаск.

Форумот е организиран од седумчлена комисија, која беше специјално формирана во средината на февруари, а вклучува и две жени.

На конференцијата, која има за цел широка застапеност, учествуваат претставници на сириското граѓанско општество, верски заедници, опозициски личности и уметници.

Автономната курдска администрација, која контролира голем дел од североисточна Сирија и има вооружено крило - Сириските демократски сили - не беше поканета да учествува на конференцијата. Според организаторите, ниту една вооружена група не добила покана.

Портпаролот на подготвителниот комитет Хасан ал-Дагим рече дека над 600 поканети пристигнале вчера во Дамаск, но многу од поканетите од странство, како и учесниците од оддалечените провинции Хасака и Рака, не можеле да присуствуваат поради барањата за патување во Сирија.

Конференцијата за национален дијалог ќе се фокусира на „транзициската правда, уставот, институционалните и економските реформи, единството на сириската територија, како и јавните, индивидуалните и политичките слободи“, додаваат организаторите.

Се очекува да се подготват препораки кои ќе „послужат како основа“ за план за институционални реформи. паг/

Фото: ЕПА

Остани поврзан