• среда, 25 декември 2024

Ал Тани: На Израел не треба да му се дава неограничена дозвола да убива

Ал Тани: На Израел не треба да му се дава неограничена дозвола да убива

Доха, 24 октомври 2023 (МИА) - Катарскиот емир, шеик Тамим бин Хамад ал Тани, денеска ја повика меѓународната заедница да не му дава на Израел „неограничена дозвола да убива“ Палестинци во неговата борба против Хамас, додавајќи дека тоа претставува опасна ескалација што ја загрозува светската безбедност, пренесоа британските медиуми.

-Ние велиме дека е доста. На Израел не треба да му се даде безусловно зелено светло и неограничена дозвола да убива, рече шеикот Ал Тани во својот говор на отворањето на состанокот на Советодавниот совет на арапските земји од Заливот. 

Ова е неговиот прв јавен коментар откако неговата земја почна со посредување во напорите за прекин на војната меѓу Израел и Хамас.

По ненадејниот напад на Хамас врз јужен Израел, на 7 октомври, во кој исламистичката група уби повеќе од 1.400 луѓе и зароби повеќе од 200 заложници, Катар одржува отворен дијалог и со Израел и со Хамас, што доведе до ослободување на четворица заложници, вклучувајќи ги и двете Израелки, вчера.

-Повикуваме на сериозен регионален и меѓународен став против оваа опасна ескалација на која сме сведоци и која ја загрозува безбедноста на регионот и на светот, рече шеикот Ал Тани. 

„Не прифаќаме двојни стандарди и однесување дека животите на палестинските деца да не се важни, како да немаат лица или имиња“, додаде тој. сд/

Остани поврзан