• четврток, 26 декември 2024

„Алхемија на дивината“ - мултимедијален перфоманс во Вевчани

„Алхемија на дивината“ - мултимедијален перфоманс во Вевчани

Вевчани, 18 јуни 2024 (МИА) - „Алхемија на дивината“ е мултимедијален и локациски специфиен перфоманс што премиерно ќе биде изведен на 26 овој месец во Вевчани, во рамките на проектот „Сиот свет е сцена - имерзивен и партиципативен театар како алатка за адресирање на општествени прашања и предизвици” на Здружението на уметници културен центар Медиа артес во Охрид.

Перформансот „Алхемија на дивината“, како што соопшти Медиа артес, ќе се изведува на различни локации на Вевчанските извори, а покрај премирата ќе има уште две изведби следниот ден.

- Ова уникатно искуство е дело на заеднички процес кој ги спојува талентите на уметници-изведувачи од различни уметнички области. Додека го истражувате Вевчани, околу вас ќе се создаваат магични приказни од алтернативни реалности. Нурнете во овие наративи на еден час, за време на настапот во живо, или препуштете се на една подолга авантура која ветува трансформативно патување, посочува организаторот.

„Алхемија на дивината“, како што е наведено во информацијата, ве предизвикува да размислувате за природата на времето, конечноста и постоењето, поттикнувајќи интроспекција за тоа како сме живееле и како живееме, како се менуваме и како комуницираме.

- Ова искуство ќе ве поведе на лично патување за откривање на она што е навистина важно во вашиот живот. Кои акции е потребно да ги откриеме, или реоткриеме, притоа избирајќи ги според приориетот на важноста. Изведбата ја доловува суштината на животните трансформации, набљудувајќи го ритуалот на промена од најмалата клетка до најдалечните ѕвезди. Преку волшебните приказни, хипнотизирачкиот танц, евокативната музика и шепотењата на распеаните дрвја, ќе бидете обвиени во сетилно искуство како никогаш досега, стои во најавата.

Изведувачи, како што е наведено во соопштението, ќе бидат Риџет Ферати, Надја Лукановска, Симона Димковска, Ива Дамјановски, Тереза Лазарев, Теодора Ежовска, Виктор Танасковски, Кристијан Караџовски и Маја Стајнберг, а нивни ментори, Алесандро Ола, Јелена Вуксанович, Атила Антал, Вишња Жугич и Јасмина Билаловиќ.

Во рамките на проектот „Сиот свет е сцена - имерзивен и партиципативен театар како алатка за адресирање на општествени прашања и предизвици” биле реализирани и две работилници со наслов „Ритуалот во современото општество“. сс/бт/

Остани поврзан