• среда, 25 декември 2024

Алкараз, Синер и Зверев продолжуваат на Мастерсот во Индијан Велс, Циципас аут

Алкараз, Синер и Зверев продолжуваат на Мастерсот во Индијан Велс, Циципас аут

Индијан Велс, 13 март 2024 (МИА) - Вечерва на „Мастерс“ турнирот во Индијан Велс се одиграа 4 осминафинални дуели. Минатогодишниот шампион Карлос Алкараз, Александар Зверев, Јиржи Лехечка и Јаник Синер продолжуваат напред.

Светскиот рекет број 11, Стефанос Циципас е елиминиран откако загуби со 2:6, 4:6 од Јиржи Лехечка, кој исто така изненади во претходното коло, елиминирајќи го Андреј Рубљев. За Чехот ова ќе биде прво четвртфинале на „Мастерс“.

Карлос Алкараз, исто така, продолжува во четвртфиналето. Шпанецот немаше посебни проблеми со Фабијан Марочан и успеа да му се реваншира на светскиот рекет број 58 за поразот од Рим минатата година. Алкараз победи со 6:3, 6:3 и го постигна деветиот последователен успех во Индијан Велс.

Александар Зверев направи пресврт против Алекс де Минор и исто така обезбеди пласман во четвртфиналето. Германецот победи со 5:7, 6:2, 6:3, а следен противник му е Алкараз. Зверев спаси 8 од вкупно 11 брејк топки, а исто така 5 пати победи на сервис на Де Минор.

Шампионот на Австралија опен, Јаник Синер оствари триумф над Бен Шелтон со 7:6(4), 6:1 и ја забележа својата 15-та последователна победа од почетокот на годината. Неизвесност имаше само во првиот сет, по што Италијанецот не остави сомнеж за својата надмоќ.

И кај дамите имаше интересни пресметки, а „носталгичната“ беше помеѓу Каролин Вознијацки и Анџелик Кербер. Тенисерката од Данска одигра постабилно и победи со 6:2, 6:4 на првиот меѓусебен меч од 2018 година.

Светската тенисерка број 1, Ига Швионтек и даде само три гема на Јулија Путинцева - 6:1, 6:2. Тоа беше 28-ма победа во последните 30 натпревари за полската тенисерка, а следна пречка е Вознијацки, со која се има сретнато само еднаш на тениските терени. дс

Фото: Принтскрин

Остани поврзан