• среда, 25 декември 2024

„Алкалоид“ пушти во употреба нови производи капацитети во вредност од 19,4 милиони евра

„Алкалоид“ пушти во употреба нови производи капацитети во вредност од 19,4 милиони евра

Скопје, 27 март 2024 (МИА) -  Компанијата „Алкалоид“ АД Скопје денеска пушти во употреба нови капацитети за производство на цврсти фармацевтски форми, со површина од 6.200  метри квадратни, во вредност од 19,4 милиони евра.  

Со новата техничко-технолошка единица двојно се зголемува производствениот волумен, па така, наместо досегашниот капацитет од две милијарди таблети годишно, моменталниот проектиран производствен капацитет е повеќе од четири милијарди таблети годишно. 

-Во динамична индустрија каква што е фармацевтската, пласманите обично кореспондираат со инвестициите, вештините и знаењето, кои во изминативе две децении ги насочивме кон градење на модерно и конкурентно производствено портфолио. Нашата цел останува да се диференцираме преку знаење и развој на производи со додадена вредност, а на овој курс сме решени да останеме и во иднина, работејќи на натамошна глобализација на брендот ’Алкалоид’, достоинствено и посветено, со практикување на високи етички стандарди, кредибилитет и професионален пристап во севкупните операции, рече генералниот директор и претседател на Управниот одбор Живко Мукаетов на пуштањето во употреба на новиот оддел. 

Во новиот погон за производство на цврсти фармацевтски форми ќе се врши производство на таблети, филмувани таблети, капсули и на двослојни таблети, кои за првпат се воведуваат како технологија за производство во државава. Станува збор за таблети што содржат неколку активни супстанции со различни хемиско-физички својства или со различен начин на ослободување на состојките, кои внимателно и прецизно се дозирани, но физички одделени со соодветно обезбедена стабилност и делотворност, овозможувајќи им на пациентите целосната терапија од неколку лекови да ја земаат само преку една таблета.

Опремата за производство на цврсти фармацевтски форми е набавена од светски познати производители на опрема од овој вид: GEA (опрема за влажна гранулација), Alexanderwerk (опрема за сува гранулација), Lodige (опрема за хомогенизација), Fette (преси за таблети), Glatt (систем за филм-обложување), De Lama (автоматска машина за перење контејнери) и други. 

За изведбата на објектот, започната во април 2021 година, биле ангажирани 30 домашни и 16 странски компании, а градежните работи и опремувањето се одвивале под раководство на стручните служби на „Алкалоид“ АД Скопје.

Просториите се изведени во согласност со строгите норми за добра производствена пракса, а сите процеси се целосно интегрирани и дигитализирани, со автоматско генерирање на сите податоци од процесните контроли. 

Од „Алкалоид“ АД истакнуваат дека ова е еден од нивните најкрупни инвестициски проекти  во изминатите две децении. Компанијата во 2005 година имаше пласмани од 53,1 милиони евра, а во 2023 година прикажа консолидирани пласмани од 268,3 милиони евра. Следствено на овој петкратен континуиран раст, во текот на изминатите 15 години беа реализирани инвестиции во вредност од над 220 милиони евра. Фармацевтските производи на „Алкалоид“ се присутни на пазарите во повеќе од 40 земји во светот. лв/бак/

Фото: Алкалоид АД

Остани поврзан