• среда, 25 декември 2024

Алијанса за Албанците пред влез во Владата

Алијанса за Албанците пред влез во Владата

Скопје, 1 февруари 2023 (МИА) – Се поизвесен е влезот на Алијансата за Албанците (АА) во Владата по вчерашната средба на премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски и претседателот на АА Арбен Таравари на која се усогласиле во најголем  дел за програмските определби, но не разговарале за кадровски решенија. За исходот од средбата Ковачевски синоќа го информираше и Извршниот одбор на СДСМ, кој  донесе едногласна одлука за формирање работна група за продолжување на разговорите со АА врз основа на програмски и политички принципи.

-Основните претпоставки на ова владино мнозинство се на линија на тоа што Алијанса за Албанци го застапува, а тоа е стратешкото партнерство со САД, продолжување на патот кон евроинтеграции, носење на сите реформски закони и на сите одлуки потребни за продолжување на патот кон ЕУ, изјави синоќа Ковачевски пред состанокот на Извршниот одбор на СДСМ.

Премиерот рече дека во најголем процент се усогласиле со Алијанса за Албанците, а во делот на сите други аспекти за можна соработка најави дека разговорите ќе продолжат.

-На состанокот со Алијанса за Албанците разговаравме најпрвин за текот на скрининг процесот кој државата го има со ЕУ, за претседавањето со ОБСЕ, за стратешкиот дијалог кој го водиме со САД и акциониот план кој се подготвува од Влада и зборувавме за можното проширување на владиното мнозинство со Алијанса за Албанците. Не разговаравме за кадровски решенија, информираше Ковачевски, најавувајќи дека во текот на наредните денови ќе имаат состаноци и со Алтернатива.

Според Таравари, пак, шансите за влез на неговата партија во Владата се огромни и 90 проценти од програмските определби се синхронизирани.

-Не е дефинитивно влегувањето на Алијансата за Албанците во Владата, но шансите за тоа се огромни. Околу 90 проценти од програмските определби се синхронизирани, но за кадровските решенија воопшто не разговаравме, изјави Таравари по средбата.

За кадровските решенија, како што посочи, ќе разговараат во текот на следните неколку дена.

–  Воопшто не разговаравме за кадровските решенија, но се надевам дека деновиве кои се пред нас ќе го отвориме и прашањето за кадровските решенија. Најмногу се задржавме на програмските определби на нашата партија и Владата и за работи кои треба да ги истераме заедно во периодот што останува до крајот на мандатот на оваа Влада. Станува збор за определбата на државата за евроинтеграции, закони за борбата против корупција, законот за влада и други закони, рече Таравари.

Тој додаде дека еден од ресорите за кои „имаат најдобри кадри“ е Министерството за здравство, но како што напомена, разговор на оваа тема воопшто не бил започнат.

Како што информираше по седницата на ИО на СДСМ портпаролката  Богданка Кузеска, во работната група покрај Ковачевски ќе учествуваат и генералниот секретар на партијата Миле Зечевиќ, членот на Централниот одбор Љупчо Николовски, како и координаторот на пратеничката група во Собранието Јован Митревски.

Заедничка оценка на ИО на СДСМ, како што рече, е дека Алијанса го поддржува концептот за европска Македонија, а со тоа и директно да придонесат во остварувањето на стратешките национални и  државни интереси за спроведување на реформите и сите потребни чекори за членството во ЕУ преку директно учество.

Нашата одговорност пред граѓаните, потенцираше таа, е да обезбедиме иднина на државата, економски стандард подобар живот за сегашните и за идните генерации.

-Оттука соработката со Алијанса ќе даде додадена вредност за граѓаните, борбата против корупцијата, забрзан економски развој и напредок на државата, зголемување на ефикасноста на Собранието со цел побрзо носење одлуки за подобрување на животниот стандард на граѓаните,  справување со енергетската и економската кризае и законите од ЕУ агендата. Поголема поддршка за за стратешкото партнерство со САД и унапредување на добрососедските односи, изјави портпаролката на СДСМ.

Посочувајќи и дека соработката со АА ќе значи и зголемување на парламентарното мнозинство. Тоа, порача, е чекор напред  за проширување на сојузот за поддршка на членството во ЕУ со сите реформи, чекори и  потребни одлуки. 

-Јасна диференцијација од двете  партии во Собранието кои се против ЕУ -  ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Кадровско зајакнување и освежување, стабилност која што е неопходна во клучен период во однос на глобалните случувања, нагласи Кузеска.

Ковачевски  и Таравари досега одржаа две средби во насока на евентуалниот влез на АА во владината коалиција. ев/лв/

 

 
 
 
 
 

Остани поврзан