• недела, 22 декември 2024

Алишан: Нашите барања за учениците со попреченост наидоа на разбирање од министерката, ќе ги доставиме во законски предлог текст

Алишан: Нашите барања за учениците со попреченост наидоа на разбирање од министерката, ќе ги доставиме во законски предлог текст

Скопје, 24 јули 2024 (МИА) - Претставниците од коалицијата „Менуваме“ денеска остварија средба со министерката за образование Весна Јаневска, на која предложија графичката и ПТТ струка во ДУРДМОВ „Димитар Влахов“ во Скопје да се замени со гимназиско образование, информатика и средно музичко образование. Од коалицијата се на ставот дека е потребна промена на МКФ-службите бидејќи истата не е соодветна, а важно е и да се врати педагошкото домување.

Програмскиот координатор на коалицијата „Менуваме“ Суаред Алишан по средбата изјави дека сите нивни барања и предлози наидоа на разбирање кај министерката за образование и во најбрзо време нивните барања ќе бидат доставени во законски предлог текст до Министерството за образование и наука.

-По покана на министерката за образование Весна Јаневска денеска имавме состанок каде што разговаравме во однос на шесте закони кои треба да бидат изменети и ставени во функција на децата со попреченост. Предложивме во „Димитар Влахов“ во Скопје, картонажата која што е застарена програма и ПТТ да се заменат со средно гимназиско образование, средно музичко образование и информатичко програмирање. И тоа како можат слепите лица да бидат добри програмери и да работат на дата база. Разговаравме за тоа колку е важно педагошкото домување да се врати за да бидат згрижени децата во интернат, а зборувавме и за МКФ, рече Алишан.

Од коалицијата бараат и реформирање на МКФ-службите, кои изминативе неколку години почнаа да работат за да ја спроведуваат Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје.

Како што посочи Алишан, проценката е дека МКФ не е содветна, не е со методологија работа и проценка со дете, туку е работа со родител, што е спротивно на Конвенцијата за правата на деца со хендикеп.

-Сметаме дека согласно денешниов разговор можеме да имаме промени и можам да кажам дека од оваа година сите дечиња со попреченост коишто сакаат, може да се запишат во нивните училишта каде што припаѓаат, дали се училишта за лица со оштетен вид или училишта за оштетен слух и говор, додаде Алишан.

Тој додаде дека на средбата е предложено и да се воведат наставни програми во високото образование во Институтот за специјални едукатори и рехабилитатори, поточно да се создадат услови за специјализирање.

-Предлагаме задолжително во Факултетот за социјална работа и политика и Медицинскиот факултет да се воведат струките дифлологија, сурдологија и олигофремологија. Секој човек треба да ги препознава овие струки, во државата имаме 149 илјади лица со попречености, што се голема заедница, додаде Алишан.

Прашан дали имаме доволен број образовни асистенти, Алишан рече дека во државата има две илјади деца, а во моментот има 650 асистенти. Еден асистент, како што рече, работи со две до три деца.

Тој најави дека овие промени можат да почнат согласно законот кој ќе биде доставен до Министерството за образование и наука. Како што рече, инсистираат да почнат промените од оваа година, или барем да почнат да се реализираат гимназиското и музичко образование.бт/ев/

Фото: МИА

Остани поврзан