• среда, 25 декември 2024

Алиу: Поддршката за студирање на престижни странски универзитети е вложување во човечкиот капитал

Алиу: Поддршката за студирање на престижни странски универзитети е вложување во човечкиот капитал
1 ноември 2022  Средношколци, студенти, професори, родители, и сите оние кои сакаа да добијат информации за можностите за продолжување на додипломски и постдипломски студии во Франција, беа денес во Националната и универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ во Скопје, на 15-тиот саем „Студии во Франција“. Саемот го организираат Француската амбасада и Францускиот институт во Скопје, со поддршка на француската државна агенција за високо образование Кампус Франс од Париз, и покрај претставници на четири француски државни универзитети и една специјализирана Школа за инженери, учествуваат и претставници на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (Еразмус+), Филолошкиот факултет од Скопје, Француските алијанси од Тетово и од Битола, како и сегашни и поранешни студенти во Франција. Во поздравниот говор, заменик министерот за образование и наука Лулзим Алиу рече дека соработката на македонските и француските образовни институции има благородната цел - младите луѓе да добијат квалитетно образование и да израснат во граѓани ориентирани кон иднината, способни да размислуваат критички кога се изложени на различни мислења, креативни и кооперативни, со прифаќање на различностите. „Глобално признатите високообразовни институции во Франција се привлечни за студентите од цел свет. Секако дека е предизвик да се учи во земја со еден од најдобрите образовни системи, со ниски трошоци за студирање на државните универзитети и понуда на бројни стипендии. И дополнително на ова, прекрасна земја за запознавање и живеење“, посочи Алиу. Министерството за образование и наука и Владата на Република Северна Македонија го поддржуваат студирањето на реномирани странски универзитети и доделуваат стипендии кои ги покриваат школарината, трошоците за живот и сместување, како и трошоците за превоз. „Државите во развој имаат потреба од интензивно вложување во човечкиот капитал, што ќе доведе до побрз развој на економијата. Студирањето на престижни странски универзитети е повеќезначно – овозможува трансфер на технологии, иновации и најдобри практики, гради мултикултурна свест, ги урива предрасудите, создава посилни релации меѓу државите. Преку меѓународното образование, студентите развиваат лични врски со земјата домаќин и подоцна, кога ќе се вратат дома, можат многу да помогнат во привлекувањето странски инвестиции и меѓународната размена на знаење и идеи“, нагласи заменик министерот Алиу. За да се реализира тоа, Владата и Министерство работат на враќање на довербата на младите во сигурна иднина во државата и како што укажа заменик министерот, сите очекуваме тие, по завршувањето на француското високо образование, да се вратат во својата земја и тука да го употребат стекнатото знаење и вештини, за просперитетна иднина на сите наши граѓани. Саемот на студии во Франција овозможува и воспоставување и зајакнување на постоечките контакти меѓу македонските и француските високообразовни институции како и за поголемо искористување на европските фондови кои се нудат преку програмата за мобилност на студенти и академски кадар Еразмус+.   Министерство за образование и наука  ___________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан