• сабота, 23 ноември 2024

Алиу: Образовниот потенцијал е средиштето на глобализацијата на Балканот

Алиу: Образовниот потенцијал е средиштето на глобализацијата на Балканот
Скопје, 27 октомври 2022 (МИА) - Заменик министерот за образование и култура Лулзим Алиу присуствуваше на петтото издание на Меѓународната научна конференција за Балканологија на тема „Балканот и Глобализација“. Во своето обраќање, како што информираат од Министерството, Алиу говорел за трансформацијата на Балканот во заедница на можности за слободна комуникација и соработка меѓу луѓето кои живеат на овие простори. - И неспорно, создавањето на тесни врски во духот на интеркултурализмот придонесува за развој и просперитет на регионот. Во сферата на образованието, приближувањето овозможува создавање на балканско образовно подрачје, преку коешто ќе може да се искористи целиот потенцијал на образованието и културата на државите од овој дел на Европа, рече тој. Како најсвеж пример за глобализација на Балканот, тој ги посочил активностите во рамките на Отворен Балкан и Берлинскиот процес, што, како што вели ќе овозможат меѓусебно признавање на високообразовните квалификации и олеснување на мобилноста на кадарот. - Тоа ќе придонесе за зголемување на конкуренцијата на пазарот на труд, а преку максимална соработка меѓу националните центри за академско признавање на квалификации, размена и споделување на искуства, алатки и бази на податоци, како и соработка преку Регионалната база на податоци за признавање на земјите од Западен Балкан, ќе водиме заедничка борба против појавата на фалсификување на документи, посочил заменик министерот Алиу. Нагласил дека самиот тренд на глобализацијата вклучува поголемо движење на стоки, пари, информации, луѓе и развојот на технологијата, а тоа пак придонесува за пораст на трговија со поголемо темпо отколку порастот на светската економија, пораст во проток на капитал, вклучувајќи ги тука и странските директни инвестиции. - Една од придобивките на глобализацијата на Балканот е и ширењето на мултикултурализмот и подобриот пристап до културна разновидност, изедначување на разликите помеѓу народите и стекнувањето меѓусебна доверба, укажа тој. Тој нагласил дека подобрувањето на условите за раст и развој на домашната економија, преку глобализацијата и соработката најнапред со соседите, е предуслов за успешно надминување на економската криза со која се соочува светот, вклучително и Балканот и дека конференциите како оваа се можност за нови идеи за продлабочување на интеграцијата. ки/са/

Остани поврзан