• среда, 25 декември 2024

Алиу ги повика пратениците уште утре да разговараат за пакетот закони на МИОА доколку имаат дилеми

Алиу ги повика пратениците уште утре да разговараат за пакетот закони на МИОА доколку имаат дилеми

Скопје, 23 јануари 2024 (МИА) – Одложувањето на донесувањето на пакетот закони од страна на Собранието ја попречува неопходната реформа на јавната администрација која беше и останува главен услов на Европската Унија, иако беа усвоени од Владата пред повеќе од еден месец. Донесувањето на законите ќе придонесе кон остварување на нашата визија за градење професионална, мотивирана, деполитизирана јавна администрација, насочена кон давање поефикасни и побрзи услуги кон граѓаните, изјави министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу попладнево на прес-конференција.

Ги повика пратениците уште утре да разговараат за сите дилеми во врска со пакетот закони што ги предложи МИОА, кои пред повеќе од еден месец се усвоени од Владата, а се заглавени во Собранието.

-Ги поканувам сите пратеници кои имаат дилеми околу овие закони уште утре во 10 часот да разговараме и да ги разјасниме сите  дилеми околу овие закони. Не смееме да чекаме повеќе и немаме време за губење, реформи сега и веднаш. Ова се клучни закони со кои ќе се направат суштински промени на нашиот државен систем, рече Алиу. 

Се работи за законите поврзани со јавната администрација, за дигитализација и за медиуми на кои МИОА работело подолго време и кои, рече Алиу, се клучни и од суштинско значење за олеснување на животот на граѓаните. Посочи дека тие се поврзани и со трите столба – администрација, дигитализација и медиуми од програма на ЕУ „Дигитална Европа“ со која летото нашата држава склучи договор и дека овие предлог-закони значат операционализација на преземените обврски.

-Пакетот закони кои ги предлага МИОА треба да се донесе час поскоро бидејќи е од клучен интерес за граѓаните на нашата држава. Ваков став и демонстрирана одговорност треба да имаат сите пратеници и сите политички партии во нашата држава. Реформата на јавната администрација е неопходен и континуиран процес тесно поврзан со европската интеграција на државата. Како надлежно министерство изминатиот период работевме на цел пакет закони со цел да ја унапредиме законската регулатива во делот на администрацијата бидејќи ние веруваме дека првиот чекор за реформи на јавната администрација е преку донесување соодветни законски регулативи усогласени со принципите и стандардите на Европската Унија, истакна Алиу.

Кон крајот на минатата година Владата ги усвои предлог-законите за вработени во јавниот сектор и за административни службеници, Законот за безбедност на мрежи информациски системи и дигитална трансформација на државата и измени на Законот за аудио и аудиовизулени медиумски услуги кој, рече, одамна е доставен во Собранието, а не се разгледува од комисиите.

На прашање одговори дека не ги знае причините зошто пакетот закони е заглавен во Собранието, а потврди дека денеска се слушнал со премиерот Димитар Ковачевски кој му рекол дека овие закони ќе бидат на пленарна седница на Парламентот во вторник, 30 јануари.

Рече и дека денеска имало „шпекулации дека ќе се откаже од предизвикот“ и дека тоа „веројатно доаѓа од луѓе кои не го познаваат доволно добро“ или „од луѓе кои можеби тоа го посакуваат“.

-Јас сум нафатил на овој ангажман, и тоа со гордост, да им служам на моите сограѓани, и спремен сум додека сум министер во овој ресор да придонесам во остварување на визијата да оставиме подобра држава за нашите граѓани и нашите деца, рече Алиу.

На прашање дали ќе поднесе оставка, одговори дека денеска ќе поднесе оставка ако овие закони се поврзани со неговото име.

- Ако некој ми каже во очи дека овие закони се поврзуваат лично со моето име, ќе донесам денеска и сега оставка. Досега се ми се кажува дека овие закони не се во постапка од причини во кои јас лично не верувам, но ако тоа се докаже јас ќе поднесам оставка пред мојата политичка партија, ќе барам таа да биде усвоена и потоа ќе поднесам до Владата. Сепак, ние сме министри, но имаме обврски кон нашата политичка партија, рече Алиу.

Министерот од Алијанса за Албанците ја почна прес-конференцијата во Владата со порака дека „не може да има систем ако тој зависи од волјата и условувањата на индивидуи“ и дека „македонскиот систем ќе се реформира или ќе пропадне“. хс/ев/

Фото: принтскрин

 

Остани поврзан