• среда, 13 ноември 2024

Алиев: Франција ќе биде виновна доколку избувне нова војна со Ерменија

Алиев: Франција ќе биде виновна доколку избувне нова војна со Ерменија

Баку, 9 октомври 2023 (МИА) - Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев ја прекори Европската унија и предупреди дека одлуката на Франција да испрати оружје во Ерменија може да предизвика нов конфликт во регионот на Јужен Кавказ, по молскавично брзата азербејџанска воена операција од  минатиот месец.

Минатата недела Алиев не учествуваше на средбата со ерменскиот премиер Никол Пашинјан, организирана од Европската унија, на која Брисел соопшти дека ќе застане на страната на Ерменија, пренесува Хина.

Претседателот Алиев кажа дека „поради добро познатиот став на Франција, Азербејџан не учествувал на состанокот во Гранада“ каде се одржа состанокот на европската политичка заедница, соопшти кабинетот на азербејџанскиот претседател.

„Претседателот на државата истакна дека француското испраќање оружје за Ерменија не е пристап што би му послужил на мирот, туку е насочен кон пумпање нов конфликт, а доколку избие нов конфликт во регионот, Франција ќе биде одговорна за неговото предизвикување“, соопштија од кабинетот на Алиев.

Франција се согласи за идните договори со Ерменија за набавка на воена опрема за нејзината одбрана, кажа шефицата на француската дипломатија, Кетрин Колона, на 3 октомври за време на посетата на Ереван, одбивајќи да појасни каква воена помош се планира за Ерменија според идните договори за снабдување. 

Францускиот претседател Емануел Макрон го прекори Азербејџан, велејќи дека Баку се чини дека има проблем со меѓународното право.

Алиев минатиот месец за само 24 часа ја врати контролата врз отцепениот регион Нагорно-Карабах, со воена операција што предизвика егзодус на повеќето од 120.000 етнички Ерменци во Ерменија. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан