• среда, 25 декември 2024

Алиев: Азербејџан би можел да извезува гас преку Украина

Алиев: Азербејџан би можел да извезува гас преку Украина

Баку, 20 јули 2024 (МИА) - Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев изјави денеска дека Украина и Европската унија се заинтересирани Азербејџан да ја снабдува Европа со природен гас преку Украина oткако ќе истече постоечкиот договор со Русија на крајот на годината.

„Продолжуваат разговорите со властите во Украина и ЕУ, како и со Русија, и се чини дека сите страни се заинтересирани за продолжување на снабдувањето. Ќе помогнеме ако можеме“, рече Алиев на прес-конференција, пренесе Блумберг. 

Тој посочи дека производството на гас во неговата земја ќе се зголеми благодарение на новите и постоечките проекти во Каспиското Море. Во 2022 година, Азербејџан потпиша меморандум за разбирање со Европската комисија со намера да го удвои извозот на гас во Европа на 20 милијарди кубни метри до 2027 година.

 „Земјата се движи кон целта. Извозот во Европа ќе се зголеми на близу 13 милијарди кубни метри оваа година од 11,8 милијарди кубни метри во 2023 година и осум милијарди кубни метри во 2021 година. Испораките ќе се испраќаат преку т.н. Јужен гасен коридор што го поврзува Азербејџан со Европа преку Грузија и Турција“, рече Алијев. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан