Александар Филиповски: Градиме две нови градинки, базени и Младински центар во Аеродром
- Кандидатот на СДСМ и Коалицијата за градоначалник на Општина Аеродром, Александар Филиповски вечерва во паркот во Мичурин ја претстави својата програма за, како што рече, најубавата општина
Скопје, 5 октомври 2021 (МИА) - Кандидатот на СДСМ и Коалицијата за градоначалник на Општина Аеродром, Александар Филиповски вечерва во паркот во Мичурин ја претстави својата програма за, како што рече, најубавата општина во Скопје и во целата држава.
- Уште од првиот ден сме мобилизирани, сплотени и единствени, околу изградба на две нови градинки во Аеродром, една во Мичурин и една во Ново Лисиче, ќе изградиме нов младински центар, два затворени базени, а конечно ќе пристапиме и кон намалување на проблемот со паркирање, со изградба на три монтажни, подземни гаражи, истакна Филиповски.
Тој најави и целосна реорганизација на комуналните служби и набавка на цистерни за миење на улиците, нов парк на површина од 5.000 квадратни метри, на потегот од „Авиончето“ до последна „5-ка“.
- Секоја населба ќе добие свое детско или спортско игралиште, 20 километри нови вело – патеки и трим – патеки за трчање, грижа за децата со посебни потреби и повозрасните граѓани. Нашата гордост МЗТ – СКОПЈЕ повторно ќе ја добие заслужената поддршка и ќе направиме напор да влезе во „АБА 1“ лигата, истакна Филиповски.
Кандидатот за градоначалник на СДСМ за Аеродром рече дека на општината и требаат искрени луѓе кои ги познаваат проблемите, а не калкуланти, како неговиот противкандидат.
Тој ги повика жителите на општината да гласаат за него и за советничката листа на СДСМ предводена од Александар Трајановски – Коска.
- Гласајте за број 12 и за Петре Шилегов и носителката на градската листа Софија Пејкова. Сега не е време за експерименти. Скопје мора да ја продолжи успешната приказна, на 17 – ти октомври заедно ќе отидеме во голема победа, порача Филиповски.
Носителот на кандидатската листата на советници во општина Аеродром на СДСМ и Коалицијата Александар Трајановски, истакна дека СДСМ има програма, која ќе го направи Аеродром една од најубавите општини во Скопје.
- СДСМ постојано е на терен ги слуша граѓаните, идниот градоначалник Александар Филиповски сака да ги реши сите проблеми одеднаш, рече Трајановски.
Тој нагласи дека со СДСМ Аеродром ќе се развива од ден на ден се повеќе и повеќе и нема ниту еден граѓанин да биде запоставен.
- Искрено верувам во се што е направено на централно ниво, тоа треба да се преточи на локално ниво и да се развиваме понатаму, со најдоброто, подвлече Трајановски. ир/сп/