• среда, 25 декември 2024

Александар Николовски од УКИМ избран за претседавач на Националното студентско тело

Александар Николовски од УКИМ избран за претседавач на Националното студентско тело

Скопје, 29 април 2024 (МИА) -  Претседателот на Универзитетското студентско собрание (УСС) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје Александар Николовски е избран за претседавач на Националното студентско тело со мандат од една година односно до април 2025.

На  втората седница на ова тело одржана во саботата, тој е избран од присутните претседатели на студентски собранија на универзитетите „Св. Климент Охридски“ - Битола, „Гоце Делчев“ - Штип, Универзитет на Југоисточна Европа, Американски универзитет во Европа ФОН и Американ колеџ Скопје.

Целта на Националното студентско тело е да претставува највисока форма на обединување на универзитетските студентски собранија во државата кое ги застапува студентите.

На седницата беше претставена и кандидатурата на Николовски за претседавач со предлог акциски план која ќе стане дел од програмата за работа на ова тело. 

Краткорочни цели во неговиот Акциски план, кои планира да ги реализира до крајот на мандатот, Николовски ги наведува: Националното студентско тело да добие правна форма и преку измена на Законот за високо образование, телото да биде официјален претставник на студентите и студентските права во земјата.

Во краткорочните цели се и: инкорпорирање на Декларацијата за придружување во Статутот на телото; на Резолуцијата во програмата на телото; на целите на Студентскиот манифест потпишан од пет универзитетски студентски собранија во програмата на телото и повик за придружување на останатите функционални универзитетски студентски собранија кон телото.

Исто така, Николовски планира ова тело да стане дел од Интеруниверзитетската конференција, планира зголемување на соработката и координацијата помеѓу универзитетските студентски собранија,  подигнување на студентскиот активизам, а воедно и младинскиот; поддршка на работата на универзитетските студентски собранија и апликации за придружување кон НМСМ и кон Европската студентска унија.

Во долгорочните цели на претседавачот на Националното студентско тело се настојувањата, како што вели, „да се решат суштинските студентски проблеми и предизвици“, креирање  можности преку инкорпорирање на целите на Резолуцијата и Студентскиот манифест, во соработка со надлежните институции.

Николовски во целите на долг рок ги посочува: бесплатно високо образование на јавните универзитети,  подобрување на студентскиот стандард со итно носење на новиот Закон за младински стандард; зголемување на студентските права - измени во Законот за високо образование; квалитетно високо образование - во соработка со агенциите за акредитација и за евалуација, универзитетите и МОН; кариерни можности  - соработка со Агензијата за вработување, МОН, центрите за кариера и бизнис-секторот.

Во долгорочните цели се и дигитализација, интернационализација и автономија. Процест на дигитализација ќе се остварува со „притисок за исполнување на целите на Националната стратегија за млади 2023 - 2027 во која е предвидена целосна дигитализација во високото образование“. За  интернационализацијата предвидува изработка на стратегија за привлекување поголем број странски студенти, согласно праксата во регионот.

Во однос на автономијата, Николовски ќе се залага за „остварување  реална кадровска и финансиска автономија на државните универзитети, поголема автономија за универзитетите и нивните единици во процесот на создавање студиски програми“. хс/са/

Фото: МИА архива 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан