• среда, 25 декември 2024

Алгоритам којшто го предвидува најефективниот третман за рак и други болести

Алгоритам којшто го предвидува најефективниот третман за рак и други болести

Барселона, 23 авгyст 2024 (МИА) - Алгоритам развиен од истражувачи од шпанскиот Институт за биомедицински истражувања (ИБИ) и Центарот за геномска регулација (ЦГР) во Барселона може да предвиди кои лекови ќе бидат најделотворни за лекување на генетски болести и рак во конкретни случаи, според истражување објавено во списанието „Нејчр џенетикс“ (Nature Genetics).

Предвидувачкиот модел е алатка за јавна употреба и е наречен „РТ-Детектив“ (RTDetective). Тој овозможува забрзување на дизајнот, развојот и ефикасноста на клиничките испитувања за широк опсег на нарушувања предизвикани од мутации во ДНК коишто предизвикуваат синтеза на скратени или нецелосни протеини. Тие нецелосни протеини се создаваат кога нивната синтеза наеднаш ќе престане поради нивно запирање или блокирање.

Во многу случаи, овие нецелосни протеини не можат да ја извршуваат својата функција и тоа доведува до разни нарушувања, како што велат стручњаците.

Според нив, една од пет болести предизвикани од мутации на еден ген се поврзани со нецелосни протеини. Меѓу тие заболувања се цистичната фиброза и мускулната дистрофија.

- Нашето научно истражување не само што отвора нови патишта за третман на наследни генетски болести, туку уште поважно - и за третман на тумори, заклучи Фран Супек, раководител на научната лабораторија за податоци за геном во ИБИ Барселона и професор во Центарот за биотехнологија при Универзитетот во Копенхаген.

Истражувачите развиле експериментален систем заснован на човечки клеточни линии што им овозможи да ја измерат ефикасноста на осум различни лекови на 5.800 признаци коишто укажуваат на болест, пренесува српскиот портал „Политика“.

Истражувачите планираат да ја потврдат функционалноста на протеините произведени со новиот начин на лекување, што е клучен чекор во потврдувањето на нивната клиничка применливост. Шпанскиот тим планира да истражи и други приоди што ќе може да се користат во комбинација со овие терапии за да се зголеми ефикасноста на третманите, особено кај ракот.  си/

Фото: МИА архива

Остани поврзан