• среда, 25 декември 2024

Алварез бара повеќе време на теренот или ќе си замине од Сити, Гвардиола му порача да размисли

Алварез бара повеќе време на теренот или ќе си замине од Сити, Гвардиола му порача да размисли

Манчестер, 30 јули 2024 (МИА) - Аргентинскиот фудбалер Хулијан Алварез неодамна изрази желба да го напушти Манчестер Сити, објавија бројни медиуми. Сега стигна потврда од напаѓачот на „граѓаните“ кој изјави дека сака поголема минутажа.

Алварез беше еден од играчите со најголема минутажа во Манчестер Сити во претходната сезона, но и покрај ова не е задоволен од третманот во тимот на Пеп Гвардиола.

Аргентинецот одигра 54 натпревари, постигна 19 гола и додаде 13 асистенции. Сепак, на самиот крај на сезоната тој играше многу малку, особено во клучните натпревари за шампионот во Премиер лигата.

-Минатата сезона бев еден од играчите на Сити со најголема минутажа во тимот. Но, не сакате да бидете изоставени од важните натпревари. Сакате да придонесете за тимот. Не сум размислувал за тоа што точно ќе направам. Кога ќе завршат Олимписките игри, ќе одвојам време да размислам што сакам за себе, ќе видиме ќе се одвиваат работите, рече Алварез, кој моментално е на Олимпијадата во Париз.

Набрзо стигна и одговорот на Пеп Гвардиола кој вели дека се ќе се реши заедно со агентот на Алварез и спортски директор на Манчестер Сити, Чики Бегиристајн.

-Кога ќе заврши со размислувањето, неговиот агент ќе го повика Чики. Знам дека сака да игра во важни моменти, но тоа го сакаат и другите играчи. Прочитав дека мора да размисли за тоа, па нека размисли. Да, играше многу минатата сезона, ако сака повеќе, тоа е во ред. Нека размисли и нека ни каже, рече Пеп Гвардиола. дс

Фото: Архива

Остани поврзан