• понеделник, 23 декември 2024

Албански медиуми: Северна Македонија со нова влада, Џафери на Мицкоски му посака успешна и ефикасна работа во интерес на сите граѓани

Албански медиуми: Северна Македонија со нова влада, Џафери на Мицкоски му посака успешна и ефикасна работа во интерес на сите граѓани

Тирана, 24 јуни 2024 (МИА) - Албанските медиуми отстапија посебен простор за изборот на новата Влада, како и на чинот на примопредавање на функцијата од страна на Талат Џафери на новиот премиер Христијан Мицкоски.

„Избрана новата влада на Северна Македонија со 77 гласови“, „Христијан Мицкоски 13 премиер на 20.влада на Северна Македонија“, „Новата македонска влада со повеќе министри од претходната“, „Џафери му ја предаде функцијата на Мицкоски и му посака успешна и ефикасна работа во интерес на сите граѓани “... се само дел од насловите во медиумите.

-Во македонското Собрание синоќа е изгласана новата Влада, која ја води Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО ДПМНЕ – победникот на општите избори на 8 мај. Новата извршна власт има вкупно 24 министерства или четири повеќе од претходната влада. Во коалицијата со ВМРО е и коалицијата ВРЕДИ, составена од албански партии како и партијата ЗНАМ, со поранешни членови на Социјалдемократскиот сојуз. Сите заедно овие политички сили имаат 78 пратеници од вкупно 120 колку што брои законодавниот дом, наведува Топ чанел.

Телевизијата пренесува посебен прилог за чинот на примопредавање на функцијата под наслов „Талат Џафери му ја предаде фунцијата на Мицкоски: Партиите да бидат отворени за соработка за приоритет на државата“.

Џафери, првиот премиер Албанец, се додава, му посака успех на Мицкоски во неговата задача, притоа нагласувајќи дека „слободните, фер и демократски избори се додадена вредност на евроинтеграцијата“.

-Му посакав успешна и ефикасна работа во интерес на сите граѓани. Изразив надеж дека политичките субјекти ќе покажат високо ниво на политичка свест и ќе бидат отворени за соработка за стратешките приоритети на државата, стои во објава на Џафери, што ја пренесува телевизијата.

Медиумите пренесуваат и дел од пораката на Мицковски, при тоа нагласувајќи дека прогласувајќи ја седницата за „историска“, Мицкоски во својот прв мандат како премиер, пред пратениците порача дека е време „да ги засукаме ракавите и да почнеме да ги решаваме проблемите во државата“.

-Пратениците на Северна Македонија ја изгласаа новата влада на премиерот Христијан Мицкоски, во која доминираат националистите, чија партија победи на општите избори во мај, базирајќи се на гневот на гласачите поради бавното темпо на интеграција во Европската унија, оценува Ора њуз.

Теливизијата АБЦ њуз детално пренесува за бројот на министри, како и тоа кој и од која партија, ќе ги раководи министерствата.

Дел од медиумите отстапуваат простор и за, како што наведуваат, реакцијата на официјална Атина, која порачала дека „инсистирањето да не се користи уставното име, е флагрантно кршење на Договорот од Преспа“. вт/дма/

Остани поврзан