• четврток, 26 декември 2024

Албанските опозициски партии подготвени со амандмани да ги дислоцираат игрите на среќа од училишни и верски објекти, од ДУИ посочуваат дека опозицијата ги блокира измените за Предлог-законот за игри на среќа

Албанските опозициски партии подготвени со амандмани да ги дислоцираат игрите на среќа од училишни и верски објекти, од ДУИ посочуваат дека опозицијата ги блокира измените за Предлог-законот за игри на среќа

Скопје, 2 октомври 2023 (МИА) - Фадил Зендели, пратеник на Движењето Беса во името на албанскиот опозициски фронт денеска на прес-конференција истакна дека тие не се согласуваат со решението коцкарниците да се лоцираат на 500 метри од училиштата и верските објекти, кое е дел од одредбите на блокираните измени на Законот за игри на среќа.

Зендели смета дека таа дистанца е незначителна и се подготвени „со амандмани да ги дислоцираат целосно овие извори на зло од урбаните средини далеку од младите и социјално загрозените граѓани“. 

-Законот за игри на среќа беше на дневен ред на пленарната седница пред шест месеци и за него Собранието никако да постапува. Интересот на власта за овие измени мистериозно исчезна. Земајќи предвид дека претседател на собраниската Комисија за европски прашања е потпретседателот на ДУИ Арбер Адеми, денеска ги поставуваме следните прашања: дали причината за блокадата на измените на Законот за игри на среќа се Перпарим Бајрами близок човек и поранешен собраниски асистент на Артан Груби, а сега директор на Државна лотарија? Или можеби Артин Спахиу, претседател на огранокот на ДУИ во Дебар и член на претседателството на ДУИ, човек од доверба на неизбежниот Артан Груби, кој е актуелен член на Ндзорен одбор во Нова државна видеолотарија? Или Хавуше Лесковица Исмаиљи која е шеф на кабинет на вицепремиерот Артан Груби и член на Надзорен одбор на новоформираната Државна видеолотарија? Дали причината за блокадата е и Омер Буљаку личен пријател и член на кабинетот на Артан Груби,  член на надзорен одбор на новоформираната Државна видеолотарија? Или пак Надије Хоџа, сопруга на наследникот на Артан Груби во невладината „Разбуди се“ која исто така е член на  Надзорен одбор на новоформираната Државна видеолотарија? Дали ќе се одважат Арбер Адеми и Талат Џафери да и признаат на јавноста дека и во Собрание се слуша само гласот на Артан Груби, рече Зендели.

Преку прес-конференција реагираше потпретседателот и пратеник на ДУИ Арбер Адеми, кој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ и таканаречената Здружена албанска опозиција го блокирале Предлог-законот за игри на среќа.

-Со жалење ја сфативме и улогата во последново време, во последниот период, на портпарол на ВМРО-ДПМНЕ на т.н. албанска здружена опозиција. Сите работи што ги започнува ВМРО-ДПМНЕ, т.н. Здружена албанска опозиција, ги продолжува и ги поддржува. Заедно го блокираа Предлог-законот за игри на среќа. Само за да ве потсетам, уште во јуни 2021 година, првата верзија беше доставена во Собрание, на регуларна постапка, каде што беше како определената матична комисија - Комисијата за финансирање и буџет, раководена од кадар и пратеник од ВМРО-ДПМНЕ. Никогаш ама никогаш до сега, воопшто злоупотребувајќи го Деловникот не е свикана седница по оваа точка. Пратениците немале можност воопшто да се изјаснат по сопствена волја, дали се за или против овој Предлог закон. Фактички беше оневозможено Собранието со кршење на сите деловнички постапки, да заземе став по ова прашање, рече Адеми.  

Поради овие причини, според него, Владата беше приморана пак пред неколку месеци да усвои Предлог-закон со европско знаменце, бидејќи има хармонизација со ЕУ директиви и да се достави до Собрание. 

-Сепак истото се повтори. ВМРО-ДПМНЕ и т.н. Албанска здружена опозиција беа и се против донесување на овој закон. А против донесување на овој закон се и здруженијата на казината. Сега се поставува прашањето, кој интереси штити од определените политички партии, јавниот интерес или финансискиот интерес на казината. Ако пратениците се за отстранување на казината, објекти од игри на среќа, обложувалници од основни и средни училишта, ете имаат прилика за брзо ќе се свикува седница и за оваа точка, па да го видиме лицето на секој еден пратеник и на секоја една политичка партија која делува во Собранието дали се за донесување на овој закон или се против. А, против донесување на овој закон, се самите казина, Здружение на казината со писмо доставено до сите пратенички групи каде што се спротивставуваат на донесувањето на овој закон. Дали сме на страна на јавниот интерес, ова ќе го манифестираме преку изразување на нашата волја за донесување на овој закон или сме за заштита на монополот, и против либерализација на оваа индустрија и да се штити финансискиот интерес на казината, рече Адеми.фф/са/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан