Албанскиот амбасадор Меидани во посета на Дебар
- Албанскиот амбасадор во нашата земја, Денион Меидани, денеска беше во посета на Дебар при што оствари средба со градоначалникот Фисник Меља, кому најпрво му го честита изборот, посакувајќи му успех во извршувањето на функцијата.
Дебар, 5 декември 2025 (МИА) - Албанскиот амбасадор во нашата земја, Денион Меидани, денеска беше во посета на Дебар при што оствари средба со градоначалникот Фисник Меља, кому најпрво му го честита изборот, посакувајќи му успех во извршувањето на функцијата.
-Средбата се одржа во дух на отворена соработка, отсликувајќи ги одличните односи меѓу институциите и заедничкиот интерес за развој на регионот, информираа од општината.
За време на разговорот, градоначалникот Меља ја истакнал важноста на прекуграничните проекти, а особено напредокот кон функционалноста на проектот „One Stop“ на граничниот премин "Блато", кај Дебар.

-Тоа е значаен чекор за олеснување на движењето на возилата, скратување на процедурите и зголемување на ефикасноста во преминот на граѓаните меѓу двете земји. Тој нагласи дека оваа иницијатива директно ќе придонесе за економска соработка, развој на туризмот меѓу Дебар и околните региони, додаваат од општината.
Амбасадорот Меидани високо ја оценил работата на Општина Дебар и ја потврдил континуираната поддршка на Амбасадата на Република Албанија за проекти кои ја подобруваат инфраструктурата и прекуграничната соработка.
Тој изразил уверување дека проектот „One Stop“ ќе биде едно од најконкретните придобивки за граѓаните и пример за успешна регионална соработка.
Двете страни се согласиле да ја продлабочат комуникацијата и да поттикнат нови проекти што ќе придонесат за одржлив развој и олеснување на секојдневниот живот на граѓаните од двете земји. вт/вг/
Фото: Општина Дебар