• сабота, 21 декември 2024
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Албанската опозиција најави национален протест на 6 октомври

Албанската опозиција најави национален протест на 6 октомври

Тирана, 28 септември 2024 (МИА) - Лидерот на  албанската опозициска демократска партија (ДП) и поранешен премиер и претседател, Сали Бериша, денеска најави масовни протести и граѓанска непослушност, на целата територија на земјата, чиј почеток ќе биде означен на 6 октомври, со масовен национален протест.

-Пратениците од опозицијата ќе ги предводат протестите, револтот и граѓанската непослушност на секое место, вклучително и во собраниската сала. Прво, несомнено ќе биде национален протест. Ова без какво било сомневање. Второ, тоа ќе биде национална акција. Се утврдуваат сите мерки кои имаат за цел да одговорат на национално ниво на бруталниот чин на мафијата Рама-Џафај и почетокот на нашата битка, која беше 100 отсто програмирана и планирана за техничка влада и слободни избори, рече Бериша, преку онлајн прес-конференција.

Додаде дека за пратениците и раководството на ДП има само една цел и мото „битка, битка и само битка“.

- До денеска ДП беше во одбрана. Од 6 октомври натаму ДП оди во напад. Во незапирливата битка, ДП ги концентрира сите свои потенцијали на напад на наркократијата и формирање техничка влада. Граѓанската непослушност е универзум на мерки опишани детално во прирачниците за граѓанска непослушност. Сите тие мерки ќе се користат се додека не се реализира целосната цел, создавање на техничката влада. Ние не сме за екстремни форми, туку веруваме и убедени сме дека граѓанската непослушност е патот по кој ДП ќе ги реализира своите цели, порача тој.

Бериша, кој од декември минатата година е во домашен притвор, под сомнение за корупција и злоупотреба на службената должност, додека бил премиер,  рече дека е осомничен само затоа што го бранел Уставот  и нагласи дека ќе застане „силно против овој режим со целосно уверување дека оваа битка ќе биде добиена“.

Масовни протеси со блокирање паришта, аеродроми, универзитети и други институции, Демократите најавија пред два дена откако Апелацискиот суд, на пратеникот Ервин Салиањи, му ја потврди едногодишната затворска казната под обвинение за „клевета“, што и тој и партијата, ја отфрлаат и ја сметаат за „политички прогон на опозицијата“.

Салиањи, кој вчера попладне се јави доброволно во полициската управа во Тирана, од каде беше префрлен во затворот во Фиер, и неговите сопартијци во мај 2018 година  објавија аудио снимка од разговор кој, според нив, се водел меѓу братот на тогашниот министер за внатрешни работи, Фатмир Џафај, и поранешен осуденик во Италија за трговија со дрога, за да му помогне да обезбеди пратка со марихуана.

И пред тоа Демократската партија со денови директно го обвинуваше министерот Џафај, во врска со неговиот брат, уапсен во Италија во 2002 година за учество во криминална организација која се занимавала со трговија со дрога и осуден во 2012 година од италијански суд.

На крајот од октомври 2018 година Џафај си поднесе оставка. вт/рп/

ФОТО: ДП
 

Остани поврзан