• сабота, 23 ноември 2024

Албанската опозиција го спречи претседателот Бегај да се обрати во Парламентот, мнозинството ги изгласа новите министри

Албанската опозиција го спречи претседателот Бегај да се обрати во Парламентот, мнозинството ги изгласа новите министри

Тирана, 15 јануари 2024 (МИА) - Новата година не ја смени стратегијата на опозициските демократи и на првата пленарна седница на албанскиот Парламент, објави Топ чанел.

- Блокирањето на собраниската говорница продолжи доцна попладнево, не само пред владејачките социјалисти, туку и пред британскиот и германскиот амбасадор, кои, преку социјалните мрежи, претходно, ги повикаа политичките партии на дијалог, додава телевизијата.

Истата цел ја имаше и претседателот на државата, Бајрам Бегај, на стартот на новата парламентарна сесија, но кога дојде во Собранието, опозициските пратеници не му дозволија да се обрати, блокирајќи ја говорницата, со свирење а држеа и транспаренти со обвинувања дека на опозицијата и се ускратува секое право.

На претседателката на Парламентот Лундита Никола не и преостана ништо друго освен да му се извини на Бегај.

- Претседателот дојде како понизен слуга на Еди Рама да ги благослови измените на законот кои се насилни врз опозицијата, измените на законот со кои на опозицијата и се одземаат сите уставни права. Дојде како министер за пропаганда. Денеска јасно се виде, пред сите Албанци дека претседателот на Републиката не е обединувачки фактор, изјави Фламур Нока, кој по мерката домашен притвор за Сали Бериша, го предводи побројното крило на демократите.

Против измените во регулативата на Собранието со суспендирање на пратеници до два месеци, во случај на употреба на пиротехнички средства или физичко насилство, демократските пратеници димните бомби ги заменија со свирчиња, кои ги користеа не само внатре туку и надвор од салата.

И покрај хаосот, владејачкото мнозинство ги одобри промените во Владата, разрешувањето на министерката за култура Елва Маргарити и назначувањето на Бленди Гонџа за прв човек на Министерството за економија, култура и иновации; преполовувајќи ја функцијата на Ервин Мете само како министер за финансии.

Аплаузот на социјалистите ги задушија извиците преполни со навреди од опозицијата, освен групата на Баша, која беше незаинтересирана што се случува, зборувајќи на телефони среде целата таа врева. вт/ми/

Фото: Албанија Парламент

Остани поврзан