• вторник, 20 јануари 2026

Албанската министерка Спиропали во посета на Украина, врачен и е „Орден на принцезата Олга“

Албанската министерка Спиропали во посета на Украина, врачен и е „Орден на принцезата Олга“

Тирана, 15 јануари 2026 (МИА) – Албанската министерка за Европа и надворешни работи Елиса Спиропали, која е во официјална посета на Киев, за да ја потврди, како што објави, поддршката за Украина во услови на масовните напади врз населението и цивилната инфраструктура, денеска се сретна со својот украински колега Андриј Сибиха.

„Киев останува цел на континуирани, големи напади насочени кон цивилите и клучната инфраструктура. Со оглед на суровите зимски услови, Украинците исто така ги трпат последиците од недостатокот на енергија, греење и вода, изјави Спиропали во украинскиот главен град.

Таа нагласи дека „Албанија ќе биде покрај Украина колку што е потребно, на патот кон праведен и одржлив мир и заедничка европска иднина“.

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха ѝ се заблагодари на Спиропали за нејзиниот став и ставот на албанската влада за „саможртвата на Украина“, нагласувајќи дека поддршката од пријателски земји како Албанија значи многу за Украина во овие тешки времиња.

Спиропали и нејзиниот украински колега потпишаа заедничка изјава со која ја осудуваат агресијата на Руската Федерација врз Украина, дефинирајќи ја како тешко кршење на Повелбата на ООН и нормите на меѓународното право. Во соопштението се нагласува важноста на повикувањето на Руската Федерација на одговорност за злосторствата извршени против Украина.

Двајцата министри разговараа и за голем број прашања од заеднички интерес, вклучувајќи ги можностите за зајакнување на билатералната економска соработка, промовирање на трговијата и инвестициите и идентификување на конкретни иницијативи за соработка.

Во контекст на нејзината посета на Украина, министерката Спиропали беше примена и од украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Тој ја одликува со „Орден на принцезата Олга“ прва класа, едно од највисоките признанија на украинската држава. вт/јт/

Фото: Спиропали Фејсбук

Остани поврзан