• среда, 25 декември 2024

Албанија забрани увоз на ситен добиток од Грција и Романија каде има појава на чума

Албанија забрани увоз на ситен добиток од Грција и Романија каде има појава на чума

Тирана, 10 август 2024 (МИА) - Албанија, по потврдените случаи на чума кај овци и кози во Грција и Романија, воведе забрана на увоз и транзит на живи животни (домашни и диви овци и кози) и производи од животинско потекло од овие две земји.

Исто така, поставени се контролни пунктови со полициски службеници и ветеринарна служба на магистралните патишта, како и на граничните премини.

Генералниот директор на Националната управа за ветеринарство и заштита на растенијата, Роланд Мечај, рече дека „преземените мерки имаат за цел да ја спречат појавата на чумата, која со себе носи значителни штети на сточарската економија".

- До денеска  немаме случаи на чума, но по наредба на ресорното министерство воведовме забрана за увоз од земји како Романија и Грција, каде е појавена оваа заразна болест. Исто така, зголемено е нивото на претпазливост на надлежните структури, а од одгледувачите на овци и кози побаравме да ги засилат мерките за заштита од чума кај мали преживари, рече тој за Топ чанел.

Мечај додаде дека забраната ќе важи додека не се издаде втора наредба и нагласи дека болеста брзо се шири во стадата, но дека нема никаква опасност по животот на луѓето. вт/паг/


 


 
 


 

 

Остани поврзан