• среда, 25 декември 2024

Албанезе: Набавката на подморници е поради засиленото воено присуство на Кина во регионот

Албанезе:  Набавката на подморници е поради засиленото воено присуство на Кина во регионот

Канбера, 16 март 2023 (МИА)  - Австралискиот премиер Ентони Албанезе одлучно го брани планот на официјална Канбера да купи нуклеарни подморници од САД, вредни приближно  245 милијарди долари, откако двајцата поранешни австралиски лидери го критикуваа договорот заради неговата цена, сложеност и потенцијални прашања за суверенитетот.

Повеќедеценискиот безбедносен аранжман AUKUS, што во вторникот беше претставен во Сан Диего, на Австралија ќе и овозможи да купи американски подморници од класата „Вирџинија“, пред почетокот на заедничкото британско-австралиско производство на новата класа подморници, SHN-AUKUS, пренесуваат британските медиуми.

По критиките од Малколм Турнбул и Пол Китинг, двајцата поранешни премиери, Албанезе денеска кажа дека договорот е неопходен со оглед на зголемувањето на кинеското воено присуство во регионот, кое тој го опиша како најголемо од Втората светска војна.

-Кина го смени својот став и својата позиција во меѓународните односи од 1990-тите, тоа е факт, рече тој.

Турнбул денеска кажа проектот AUKUS ќе трае подолго и ќе чини повеќе од алтернативниот план за купување конвенционални француски подморници, што заврши со откажување на договорот вреден 66 милијарди долари, а потоа предизвика повеќемесечна дипломатска расправија во западната алијанса.

Пол Китинг, поранешниот премиер на владејачката Лабуристичка партија, вчера ја критикуваше актуелната влада за нејзиното одобрување на безбедносниот аранжман AUKUS и купувањето на американски подморници.

Купувањето на американски подморници тој го оцени како „најлошата меѓународна одлука“ на австралиската лабуристичка влада од регрутирањето во Првата светска војна.

Според договорот, САД имаат намера да ѝ продадат на Австралија три американски подморници со нуклеарен погон од класата „Вирџинија“, изградени од „Џенерал Динамикс“ (General Dynamics), на почетокот на 2030-тите, со опција Австралија да купи уште две доколку има потреба.

Следната генерација на подморници ќе биде изградена во Велика Британија и Австралија со американска технологија и поддршка. сд/

Остани поврзан